Нов станбено-деловен објект никна во центарот на Гевгелија
ВО центарот на Гевгелија, на локацијата на старата автобуска станица почна да се гради станбено-деловен објект во вредност од 3,5 милиони евра.
Предвидено е да никне зграда висока 22 метри со корисна површина од околу 10.000 метри квадратни. На два ката под земјата ќе се градат гаражи,во приземјето ќе има супер маркет и други трговски единици, а на седум ката и во поткровјето ќе се изградат 50 станови кои ќе бидат понудени на продажба.
Градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов, истакна дека ова е значајна инвестиција за градот која потврдува дека политиката на локалната самоуправа за урбанизација е исправна.
- Ако не ги носевме урбанистичките планови, проектот немаше да се реализира. Изградбата на објектот ќе претставува поттик за натамошниот развој на стопанството и економијата во нашата општина, рече Франгов додавајќи дека општина Гевгелија секогаш ќе подржува такви проекти и ќе обезбедува услови за нивна реализација.
Градежните работи ги извршува фирмата „Мансард“ од Гевгелија. Објектот треба да биде изграден во рок од три години.