Арнаудовска, Зафировска и Кизов ќе ја посетат Правосудната школа на Шпанија
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, претседателката на Судскиот совет на Република Македонија Александра Зафировска и претседателот на Советот на јавните обвинители на Република Македонија Костадин Кизов денеска и утре работно ќе ја посетат Правосудната школа на Шпанија (Escuela Judicial Espanola).
Посетата е организирана од Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (ТАIEX) при Европската комисија на Европска унија.
Посетата се реализира во пресрет на подготовката на новата генерација во почетната обука во Академијата и подготовка на новата Програма за почетна обука согласно новиот Закон за академија.
Од Академијата соопштуваат дека од посебен интерес за македонската делегација ќе бидат компаративните искуства на Правосудната школа на Шпанија во поглед на целиот процес на спроведување на приемниот испит, креирањето и организацијата на почетната обука, начинот на специјализација на кандидатите во текот на обуката, процесот на избор на завршените кандидати од страна на советите надлежни за избор на судиите и обвинители во Шпанија, начинот на распоредување на кандидатите и други прашања кои се од значење за подобрување и унапредување на процесот на селекција и избор на судиите и обвинителите во правосудството на Република Македонија преку почетната обука, со цел да се привлечат најдобрите кандидати во судско - обвинителската професија, како високопрофесионална функција.
Тричлената делегација за време на студиската посета ќе има можност да го презентира македонскиот правосуден систем во Правосудната школа на Шпанија.