Драги Ѓоргиев: Комисијата ниту брише историја, ниту пишува нова историја

Перцепцијата на јавноста во Македонија дека мешовитата македонско-бугарска комисија за прашања од историјата, формирана по договорот за доборсоседство, ќе значи бришење на историјата на Македонија е заснована на незнаење и непознавање на фактичките состојби.

 

Универзитетскиот професор и претседател на македонската историска комисија, Драги Ѓоргиев, во интервју за Прес24, вели дека Комисијата воопшто не работи на ревидирање на историографијата, ниту пак е формирана со цел да им наложи на историчарите како да ја пишуваат историјата.

 

-Таа нема таков мандат и не може да биде тело кое ќе го цензурира пишувањето историја во Р. Македонија или во Р. Бугарија. Оттаму, и критиките дека комисијата ќе пишува „нова историја“ се темели на незнаење како функционираат тие комисии, но и на намерно и постојано потенцирање на тој непостоечки сегмент од работата на комисијата со цел разгорување на емоциите. Комисијата работи на анализа на учебниците по историја во Р. Македонија и во Р. Бугарија со цел да изготви препораки за подобрување на нивниот квалитет, а не на бришење на националната историја, вели Ѓеоргиев за Прес24.

 

Смета дека начинот на кој досега функционира оваа мешовита Комисија, дава надежи дека може да биде постигнат голем напредок во различните толкувања на одредени историски личности и настани, но дали и какви промени ќе има во учебниците ќе зависи од самите влади.

 

- Комисијата ги анализира учебниците и веќе се разменети забелешки за дел учебниците во двете држави, односно за периодот од праисторијата, преку антиката до средниот век. Констатирано е дека има простор за подобрување на содржините застапени во учебниците и на следните средби ќе се работи на тие забелешки и на тоа на кој начин да се направат тие подобрувања. По евентуалното постигнување согласност до владите на двете земји ќе бидат дадени препораки за подобрување на учебниците, а дали ќе има промени и кога ќе зависи од тоа дали и кога владите ќе ги прифатат и ќе ги процесуираат тие препораки, вели Ѓоргиев во интервјуто за Прес24.

 

Тој смета дека постојат многу елементи за кои треба да се разговара, а особено проблематични остануваат настаните од средниот век, како и преродбеничкиот период, МРО и периодот од Втората Светска Војна.

 

ПРЕС24: По последната средба на експертската комисија меѓу Македонија и Бугарија рековте дека се враќате задоволен и со позитивна енергија. На што се должи тоа?

 

ЃОРГИЕВ: Сите досегашни средби на експертската комисија за историски и образовни прашања меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија беа коректни со јасна желба од двете страни да се постигне што поголем напредок во надминувањето на проблемите присутни во толкувањата на минатото во учебниците по историја и околу заедничките одбележувања. Третата средба беше посветена на теми кои веќе ги допираат чувствителните историски проблеми кои долги години постојат меѓу двете земји и на таа средба, како и на претходните две, конструктивноста беше присутна и на двете страни. Токму тоа ми даде за право на тој начин да го искажам мојот впечаток за таа средба. Мислам дека спремноста да се дискутира на отворен и академски начин за сите прашања го создадоа истиот впечаток и кај останатите колеги од комисијата.

 

ПРЕС24: Јавноста засега има информации за постигната согласност околу заедничко одбележување на Светите Кирил и Методиј и за Григор Прличев. Може ли да откриете како и на што се должи тој напредок во работата на комисијата?

 

ЃОРГИЕВ: Согласноста околу заедничкото одбележување на овие личности се постигна по долги разговори и отворени академски дискусии и на спремноста на двете страни да се постигне усогласеност. Беа разгледани бројни извори, литература, факти, аргументи, потоа со соодветна теоретска методологија беше анализиран политичкиот, социјалниот, културниот контекст во време кога тие дејствувале, нивното значење за македонската и за бугарската култура, начинот на кој тие ги поврзуваат македонскиот и бугарскиот народ и сл. За светите браќа од извонредна важност беше и нивното големо значење воопшто за европската цивилизација и култура, а за Прличев неговото значење во поширок балкански културолошки контекст со оглед на неговото творештво на грчки јазик и добивањето на престижната награда во Атина во 1860 г.

 

ПРЕС24: Што подразбира ова прифаќање како дел од заедничката историја?

 

ЃОРГИЕВ: И светите браќа Кирил и Методиј и Григор Прличев се дел од културната историја и на македонскиот и на бугарскиот народ. Тие се личности, особено светите браќа, кои во исто време им припаѓаат и на повеќе други култури и кои се слават во неколку други словенски земји. Оттука, нив може да ги сметаме како споделени личности кои се дел од минатото на повеќе народи. Кога една историска личност се слави во две или повеќе култури, тогаш несомнено таа личност е алка која ги поврзува тие култури и народи и таа е заедничко наследство за тие култури и народи. Тогаш таа може да послужи и како модел за помирување и доколку се надмине тесната национална ексклузивност и посесивност над неа, таа може да има и силна поврзувачка улога меѓу тие култури. Мислам дека во таа смисла треба да се сфати и прифаќањето за заедничко чествување на овие историски личности.

 

ПРЕС24: Дали освен заедничките прослави, ќе има и промени во учебните по историја, како тоа би се одвивало?

 

ЃОРГИЕВ: Комисијата ги анализира учебниците и веќе се разменети забелешки за дел учебниците во двете држави, односно за периодот од праисторијата, преку антиката до средниот век. Констатирано е дека има простор за подобрување на содржините застапени во учебниците и на следните средби ќе се работи на тие забелешки и на тоа на кој начин да се направат тие подобрувања. По евентуалното постигнување согласност до владите на двете земји ќе бидат дадени препораки за подобрување на учебниците, а дали ќе има промени и кога ќе зависи од тоа дали и кога владите ќе ги прифатат и ќе ги процесуираат тие препораки.

 

ПРЕС24: Во најава е и некаков договор за Цар Самоил. Како стојат овде работите?

 

ЃОРГИЕВ: На третата средба долго беше дискутирани идејата за заедничко славење и на Цар Самоил. И тој беше разгледуван на ист начин како и светите браќа и Прличев, преку анализа на извори, факти, литература, без негово етницизирање и национализирање во современа смисла, но за жал не успеавме да дојдеме до конечно усогласување на ставовите. Благодарение на конструктивноста и желбата од двете страни еден дел од проблемите беа надминати, но сепак останаа некои моменти околу кои ќе се дискутира на следните средби. Мислам дека реални се шансите и за Цар Самоил да се постигне усогласеност во комисијата, затоа што несомнено Цар Самоил е дел од меморијата и на македонскиот и на бугарскиот народ. Тој е само доказ за тоа дека со една историска личност може да се идентификуваат повеќе култури и народи, но пристапот во неговото вреднување мора да биде ослободен од идеологија.

 

ПРЕС24: Што е она што сега е различно толкување на македонската и на бугарската страна за Самоил?

 

ЃОРГИЕВ: Главниот проблем е околу карактерот на Самоиловата држава. Во нашата историографија таа е толкувана како македонска или само како Самоилова држава, а во бугарската како продолжение на првата средновековна бугарска држава. Всушност тоа е дилема која е присутна и во светската историографија каде можат да се сретнат различни толкувања околу ова прашање.

 

ПРЕС24: Каква е агендата на динамиката во разговорите?

 

ЃОРГИЕВ: Во досегашната работа заедничката комисија се среќаваше приближно на секои три месеци и мислам дека и во иднина ќе се продолжи со таа динамика.

 

ПРЕС24: Кои се најспорните прашања меѓу македонската и бугарската историографија?

 

ЃОРГИЕВ: Има повеќе прашања кои се толкуваат и презентираат на различен начин во македонската и во бугарската историографија, започнувајќи од средниот век, па се до Втората светска војна. Тука се Самоил и неговата држава, преродбенскиот процес од втората половина на 19 век и припадноста на учесниците во тој процес, Македонската револуционерна организација, идентитетот на највидните личности на таа организација, Илинденското востание, Втората светска војна и присуството на бугарските власти на територијата на денешна Р. Македонија и сл. За некои од наведените прашања постојат несогласувања и во дела на историчари кои не припаѓаат на овие две историографии. Тоа се прашања кои долго време се присутни во исторсиките контроверзи меѓу Р.Македонија и Р. Бугарија и во чија анализа и толкување треба да се избегнува тесно националниот и етноцентричен пристап. 

 

ПРЕС24: Во дел од македонската јавност има перцепција дека оваа комисија ќе треба да направи некаква ревизија и бришење на македонската историја. Колку тие стравови се оправдани?

 

ЃОРГИЕВ: Комисијата воопшто не работи на ревидирање на историографијата, ниту пак е формирана со цел да им наложи на историчарите како да ја пишуваат историјата. Таа нема таков мандат и не може да биде тело кое ќе го цензурира пишувањето историја во Р. Македонија или во Р. Бугарија. Оттаму, и критиките дека комисијата ќе пишува „нова историја“ се темели на незнаење како функционираат тие комисии, но и на намерно и постојано потенцирање на тој непостоечки сегмент од работата на комисијата со цел разгорување на емоциите. Комисијата работи на анализа на учебниците по историја во Р. Македонија и во Р. Бугарија со цел да изготви препораки за подобрување на нивниот квалитет, а не на бришење на националната историја. За толкувањето и пишувањето на историјата, како во минатото, така и во иднина, биле и ќе бидат одговорни, во секоја смисла, самите историчари.

Оттогаш за Карло Велики децата и во Германија и во Франција го учат истите нешта. Француско-германското помирување се темели врз нов културно‐воспитен и интелектуален наратив. Всушност, во помирувањето на Французите и Германците стана јасно дека, доколку се надмине националната ексклузивност и посесивност кон минатото, историските личности можат да добијат и поврзувачка, инклузивна улога

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.12.2018 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега