Владата нема донесено одлука за започнување на нуклеарна енергетска програма

Денеска заменикот-вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски,  на Меѓународната работилница за регионална и прекугранична соработка во енергетиката и нуклеарната енергија, истакна дека македонската Влада нема донесено одлука за започнување на нуклеарна енергетска програма.

- Македонија нема нуклеарна енергетска програма и се уште нема донесено одлука да отпочне со нуклеарна програма во сопствени или регионални проекти, но Владата во континуитет ги следи меѓународните трендови и случувања во оваа област, а посебно е заинтересирана за регионалните трендови и за соработка со соседните земји на оваа поле, изјави Пешевски пред учесниците.

Пешевски посочи и дека  во изминатите неколку години со препорака на Владата формирана е група во АД ЕЛЕМ која има задача да спроведува истражувања и да ги прати регионалните и светските трендови во нуклеарната енергетика и во новите трендови за производство на енергија.

- Очигледно  е дека изградбата на енергетска инфорастуктура е неопходна за започнување  на нуклеарна енергетска програма и оти бара големи вложувања од финансиска и кадровска природа. Затоа е неопходно да се поткрепи со регионална соработка. Токму оваа работилница е значаен чекор напред кон унапредувањето на регионалната соработка, потенцира Пешевски.

Според него, неодговорно би било да се биде априори против било каква технологија дколку одлуката за тоа не е базирана на квалитенто знаење, меѓународни стандарди и стратешко планирање.

- Во изминатите две години воспоставивме соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија во делот на почетните сознанија кои една држава треба да ги има за нуклеарната енергетика. Тоа не е знак дека Македонија се вклучува во нуклеарната енергетика и дали има донесено таква одлука, туку дека на одговорен начин правиме потребни анализи со цел во даден временски период од неколку години да можеме да дадеме одговор на прашањето, а особено од аспект на регионот, рече Пешевски.

Иван Виденовиќ од МААЕ истакна дека нуклеарната енергетика е комплексна област во која најважниот сегмент  е изградбата на инфраструктурата која, пак, подразбира изградба на многу сегменти  во државата кои се потребни да ја поддржат.

- МААЕ јасно ја препознава важноста на соработката меѓу експертите во проекти за нуклеарна енергија и во однос на регоналната енергетска безбедности во смисла на нуклераната безбедност. Денешната работилница е организирана бидејќи МААЕ смета дека малите држави кои се во регионот сами за себе немаат финансиски, инфраструктурни и стручни капацитети за реализација на толку скапи проекти. Затоа регионалната соработка е неопходна. Воедно во регионот го имаме и примерот на најдобрата соработка на полето на нуклеарната енергетика а тоа е нуклераната централа Кршко која им припаѓа на Словенија и Хрватска, рече Виденовиќ.

- Ние немаме никакви сознанија дека во овој регои ќе  се изгради нуклеарна централа. Има земји кои се подготвуваат за тоа во смисла на техничка подготовка и разбирање на сите можни опции, како и изградба на неопходните кадри. Една од нив е и Македонија. Во регионот имаме земји кои веќе имаат нуклеарни централи како што се Бугарија, Словенија и Хрватска, како и земји кои се подготвуваат да ги рошират своите нуклеарни капацитети. Нашата улога во сето тоа е да ја поттикнеме комуникацијата и разговорот меѓу земјите за да се продискутираат некои  теми кои денеска се преќутуваат или се табу за и владите и граѓаните да дознаат какви се предностите и недостатоците на нуклеарната енергетска опција, рече Виденовиќ.

24.09.2013 - 15:17
Фото: 
вмро-дпмне.орг

најчитано сега