Темелковски: Македонија со години активно работи во управувањето со хемикалии

Преглед на имплементацијата на стратешкиот пристап во управувањето со хемикалиите на меѓународно ниво, идентификација на регионалните приоритети и размена на искуства и информации за активностите спроведен на национално и регионално ниво е цел на Петтиот регионален состанок на земјите од Централна и Источна Европа за стратешки пристап во управувањето со хемикалиите.

Состанокот e во организиција на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со UNEP, a денеска го отвори замник-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.

Темелковски изјавува дека Македонија со подготовката на Националниот план за имплементација на САИЦМ во 2010 година, активно се вклучи во меѓународната акција за апликација на стратешки пристап во управувањето со хемикалиите. - На управувањето со хемикалиите е посветено посебно поглавје во Националната стратегија за одржлив развој. Планот е усвоен од Владата на Република Македонија, која истовремено им даде обврска на сите институции и организации инволвирани во процесот на управување со хемикалии активно да учествуваат во реализацијата на неговите активности, истакна Темелковски.

Тој укажа на напредокот на ова поле, посочувајќи дека земјата одамна е дел од семејството на членките на Монтреалскиот Протокол.

- Од 1997 година активно се работи на елиминација на супстанциите сместени во четирите анекси на Протоколот. Подготвени се и имплементирани повеќе демонстрациски и инвестициски проекти, сите во насока на отстранување на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, рече Темелковски.

- Својата посветеност кон здрава животна средина Владата на Република Македонија уште еднаш ја докажа со одвојување значителни средства во решавањето на историското загадување со ХЦХ-изомери во хемиската индустрија ОХИС во Скопје. Првпат во соработка со УНИДО и средства обезбедени од ГЕФ и Владата на Република Македонија ќе стартува проект за решавање долгогодишен еколошки проблем, нагласи заменик министерот за животна средина.

Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со УНЕП и Регионалниот центар за Базелска конвенција во Братислава ги прави последните подготовки за дефинирање акциски план за координирана имплементација на Стокхолмската, Базелската и Ротердамската конвенција. 

 

23.09.2013 - 11:03
Фото: 
МИА

најчитано сега