Владата ќе додели 6 милиони евра за развој на споротт во Македонија

 

Нови шест милиони евра од јануари 2019 година по системот на ваучери ќе им се доделуваат на спортистите, спортските клубови и федерации за развој на спортот, омасовување и постигнување врвни резултати. 

- Ова се нови шест милиони евра, покрај постоечката финансиска поддршка што Агенцијата за млади и спорт ја дава за македонскиот спорт. Со овој ваучер систем дел од данокот на добивка го ставаме на располагање на спортските субјекти, федерации, клубови со што значително ќе се подигне нивото на квалитетот и развојот на спортските клубови, рече премиерот Зоран Заев на презентацијата на овој систем што се одржа во Владата.   

Ова според Заев, значи дека секој правен субјект одсега па натаму, ќе добие можност до 50 проценти од пресметаниот данок на добивка да го инвестира во спортот.

- Секој клуб, федерација или спортист ќе има во рака ваучер што значи платен данок за компанијата, односно сите субјекти имаат еднаква шанса за примање финансиски средства без фаворизирање. Овој систем ќе овозможи секој спортски субјект да стане атрактивен и посакуван партнер за успешните стопански субјекти, кои покрај сопствената промоција и општествено одговорна работа ќе добијат конкретна финансиска мотивација за вложување во спортот, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека процедурите се едноставни, без комплицирани административни постапки и без дополнително оданочување и проблем за компаниите кои ќе помагаат.

- Финансиките поволности ќе се добиваат преку пренасочување на дел од данокот на добивка од претпријатијата, што значи дека тие стопанските субјекти, дел од својата обврска за данок на добивка наместо да ја платат на државата ќе имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортист, рече македонскиот премиер.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски истакна дека мерката била најавена на почетокот на годинава, а оти ќе почне да се спроведува од 1 јануари 2019 година. 

Станува збор за нови дополнителни шест милиони евра за спортисти, спортски клубови и федерации кои дополнително ќе им помогнат за секојдневните тековни активности, но и за сите големи натепреварувања кои треба да придонесат до омасовување на спортот и постигнување врвни резултати, рече Каевски. 

 

 

 

27.09.2018 - 15:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега