Мицкоски: Договорот со Грција е огромен товар за Заев кој ќе ги потоне како политичари зашто договорот е капитулантско дело

СДСМ секогаш кога победува на парламентарните избори победува со голема лага. Така беше и на тој 15 септември кога ветуваа чуда дека ќе се случуваат во Република Македонија. Се сеќавате на тие спектакуларни говори, со многу убави зборови, со многу убави метафори, со ветувања кои што македонскиот граѓанин тогаш ги очекуваше од таа гарнитура на СДСМ. Дел од таа гарнитура можам да заклучам дека се уште постои, со што јас можам да заклучам дека се уште оние транзициони политичари не завршиле во Македонија. Се надевам дека многу скоро, со крајот на оваа влада и тие транзициони политичари ќе заминат во историјата вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување на телевизија Сонце во емисијата на „Јади бурек“ .

Според Мицкоски, СДСМ секогаш ги користи истите лаги и празни ветувања за да ја добие власта, но граѓаните гледаат дека од кога СДСМ е на власт нема ништо од ветувањата.

-Ветуваа по еден вработен од секое семејство, ветуваа поголеми плати, пензии, здравство достапно за сите итн. И тогаш победија како што победија. Но, народот го виде сето тоа, го препозна и веќе на следните избори ја изгуби власта.

Мицкоски, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е партија за која говорат делата и реализираните проекти во изминатите 11 години за граѓаните, додека Заев за 14 месеци наместо ветениот живот, на граѓаните им донел само пекол.

-Дојде Зоран Заев ветувајќи живот, но еве 14 месеци потоа откако Зоран Заев ја има апсолутната власт во Република Македонија и централна и локална и гледаме дека не само што не дојде  живот, туку дојде пекол за граѓани и ова не го зборувам како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку како граѓанин, како човек кој што на дневна основа комуницира со неговите пријатели, колеги, роднини, потенцираше Мицкоски.

Христијан Мицкоски го потврди и партискиот став дека договорот меѓу Македонија и Грција е капитулантско дело. Токму поради оваа причина капитулантскиот договор, како што Мицкоски го нарече, е товар на Заев и покровителите на договорот, кој ќе ги потоне како политичари.

– Мислам дека договорот со Грција не само што им е ахилова пета, туку тоа ќе им биде и товар кој што дефинитивно ќе ги потоне, рече Мицкоски.

Истакна дека македонскиот народ со овој договор допрва ќе треба да живее и да ги трпи последиците од него. Тој потенцира дека договорот е капитулантско дело со многу недостатоци од правен и од политички аспект, кои ќе доведат до пораз на владата на СДСМ и Заев.

-Вие со овој договор треба да живеете . Односно со последиците кои овој договор ќе ги остави по вас како нација, како народ, како држава итн. Ние сме длабоко убедени дека овој, таканаречен договор претставува капитулантско дело со многу недостатоци и од правен и од политички аспект. А последиците допрва ќе дојдат, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Вели дека крајно време е Македонија да разреши со транзициските политичари кои во минатото и нанесоа огромна штета на државата и истакна дека во моментот младите се иселуваат се помасовно од Македонија, а како причина ја наведе лошата економска состојба која владата на СДСМ ја спроведува од самиот почеток на нивното управување со државата.

-Ако дискутираме за иселувањето, сега никогаш не било по интензивно тоа иселување. Сега можам да ви кажам дека имаме и статистички и фактографски најмасовно иселување на младите и тоа го докажуваат сите оние автобуси кои секој ден тргнуваат од Република Македонија кон другите земји, кон побогатите земји во Европа. Проблемот со лошата социо -економска ситуација не е договорот и не е НАТО или нешто друго туку криминалната транзиција која се случуваше во Македонија, континуираното осиромашување на овој народ, немањето реална државничка политика, вели Мицкоски.

Според него, Македонија можела да издејствува многу подобар договор од овој кој што го направил Зоран Заев, се со цел да се зачува достоинството на граѓаните и на државата, а да се дојде до крајната цел.

Мицкоски смета дека политичар не е професија, туку дека со политиката треба да се занимаваат луѓе кои што направиле нешто, луѓе кои што имаат цел и луѓе кои што знаат како да ја постигнат таа цел.

 

 

 

12.07.2018 - 22:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега