Европската Комисија го поздрави потпишувањето на Меморандумот за ЕУ во Македонија

 

Европската комисија вчера вечерта го поздравила Меморандумот за стратешката цел - членство во Европската унија на Република Македонија, кој го потпишаа сите партии освен ДПА и Либералната партија.

Според МИА,  во неформалната Влада на ЕУ сеуште го разгледуваат текстот на Меморандумот, но, не кријат дека неговото потпишување е одличен потег на патот на земјата кон членство на Унијата. 

- Ние сме свесни за потпишувањето на Меморандумот и во моментов го проучуваме текстот. Во принцип, Комисијата ги охрабрува и поздравува меѓупартиските договори за ЕУ-агендата, како и превземените чекори што водат кон инклузивна соработка на сите засегнати страни со цел да се исполни стратешката цел на европската интеграција. Овој Меморандум, исто така, го поздравуваме и како дел од спроведувањето на договорот од 1 март, изјавил портпаролот на Комисијата, Петер Стано, за МИА.

Овој потег на македонските политички партии доаѓа во време на финализација на прогрес-извештајот на ЕК, кој треба да биде објавен на 16-ти октомври. Се очекува Извештајот да содржи уште една, петта по ред препорака за членство на Република Македонија во ЕУ.

Според Ричард Ховит, известувачот за Македонија во ЕП, потпишувањето на Меморандумот е “позитивен сигнал дека домашната политичка дебата може да биде тргната настрана од прашањата што би можеле да предизвикаат нови блокади во процесот на зачленување во Унијата”.

17.09.2013 - 09:14

најчитано сега