Во ЕП се расправа за безвизниот режим - еве што ќе преземе ЕК за да се намали бројот на азиланти
Извештајот на шпанскиот пратеник Агусто Мера од демохристијанската група за Механизам за суспензија на визите и реципроцитет со земјите за кои на европските раѓани им е потребна виза, се најде на пленарната сесија на ЕП неочекувано, за извештајот ќе треба да се гласа во четврток, гласање по две години преговори помеѓу ЕП, Европската комисија (ЕК) и Советот на министрите, јавува МИА.
Според новиот хрватски комесар Невен Мимица кој зборуваше во име на ЕК во Стразбур, ЕУ нема едноставно да го укине визниот режим.
- Бројот на азилантите е се уште голем но се намалува. Работиме со Западниот Балкан за да ја набљудуваме ситуацијата. Но ако суспензивниот механизам е воведен и ако сегашната ситуацијата продолжи, една или повеќе земји членки ќе ја воведат мерката. Но треба да биде јасно дека воведувањето на мерката нема да води во укинување на слободното патување. ЕК ќе биде таа која ќе оцени дали условите за суспензивниот механизам и сериозноста на ситуацијата се почитувани”, рече Мимица.
Суспензивниот механизам според приврзаниците на извештајот не е изработен за Западниот Балкан туку за сите кои имаат слободен режим со Шенген. Сепак, во дискусиите дојде до израз дека токму ситацијата со азилантите кои доаѓаат од Западниот Балкан бара посебно внимание бидејќи има влијание врз проширувањето и политиката на азил.
Со укинувањето на визите во 2009 и 2010 година некои европски земји членки беа поплавени од баратели на азил кои доаѓаат главно од Србија и Македонија. Ако се усвои документот, по поплаките и по барање на неколкуземјите членки ЕК ќе може да ја спроведе клаузулата за суспензија на безвизниот режим. Со суспензивниот механизам во текот на 6 месеци се воведува повторно визниот режим, а тој може да биде продолжен на една година.
Европратеничката Тања Фајон, на пленарната сесија во Стразбур ги повика членовите на ЕП во име на групата на европските социјалисти и демократи да гласаат против механизмот за воведување на суспензија на безвизниот режим, за земјите од кои доаѓаат голем број на азиланти, вклучувајќи ги земјите од Балканот и Македонија.
Според неа Усвојувањето на механизмот во формата како што е сега предложен, би претставувал чекор назад за земјите од Западен Балкан, рече Фајон.
Фајон посебно инситира на фактот што клучното прашање кое во надлежност на Парламентот е изменето во последен пат, односно стравувањето од отсуство на контрола на механизмот од страна на Европскиот парламент.
Нејзиното барање е поддржано од страна на групата на зелените и обединетата европска левица, но во четврток кога е предвидено гласањето за предложениот текст се очекува ЕП најверојатно да го усвои извештајот на шпанскиот пратеник Агусто Мера од демохристијанската група со кој се воведува суспензивниот механизам за визната политика на ЕУ.
За да ги смири противниците на својот извештај, известувачот на крајот од дискусијата порача дека земјите од Западен Балкан не треба да стравуваат од ништо.