Во БиХ откриена една од најголемите масовни гробници во последните 10 години

 

По налог за спроведување ексхумација на Обвинителството на БиХ, денеска на локалитетот Томашица во близина на Приједор е откриена огромна масовна гробница.

Станува збор за една од најголемите масовни гробници на откриени на подрачјето на Босанска Краина во последните 10 години.

- Гробницата била скриена со вештачки насипи од земја, а со детално копање откриен е неколкуметарски слој составен од наталожени посмртни останки. Истражен судија од Обвинителството на БиХ се наоѓа на терен, каде ја координира работата на сите кои се вклучени во процесот на ексхумација, соопшти Обвинителството.

Според првичните проценки, во гробницата се наоѓаат повеќе десетици жртви, а нивниот точен број и идентитет ќе биде утврден со деталното ископување со помош на форензичарски методи.

- Според собраните докази, во масовната гробница се наоѓаат тела на жртви од бошњачка и хрватска националност од подрачјето на Приједор и околината, кои се убиени во летото 1992 година, се наведува во соопштението.

Досега се пронајдени и идентификувани 2.082 жртви од Приједор, а се уште се трага по околу 1.200 лица, кои се убиени на ова подрачје за време на Војната во БиХ.

06.09.2013 - 15:45

најчитано сега