Александар Нацев: Издавање безбедносен сертификат надвор од законот носи голем ризик за безбедноста

Мини интервју со доц. Д-р Александар Нацев, поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ)

Press24: Г-дине Нацев, бидејќи во јавноста последниот период е актуелизирано прашањето околу безбедносните сертификати, дали би можеле накратко да ни го објасните процесот за издавање на безбедносен сертификат?

Во основа, безбедносниот сертификат претставува заштитен механизам за обезбедување на тајноста на класифицираните информации. Исполнувањето на условите за издавање на безбедносен сертификат се утврдува преку безбед¬носна проверка, чија цел е да потврди дека за лицата не постои безбедносен ризик и сомнеж дека можат да ја нарушат безбедноста на информациите до кои во иднина би имале пристап. Доколку се исполнети сите услови и е утврдено дека за лицето не постојат никакви индикации или сомневања кои би можеле да укажуваат на безбедносен ризик, му се издава безбедносен сертификат.

Press24: А што се случува во ситуациите кога некој не може да ги исполни условите за добивање безбедносен сертификат?    

Во ситуација кога безбедносните проверки укажуваат дека за лицето постои безбедносен ризик и дека не треба да му се овозможи пристап до класифицирани информации, се донесува решение за одбивање на барањето за издавање на безбедносен сертификат, со тоа што во решението не се дава образложение за причините за одбивање. Освен оваа ситуација, треба да се напомене и дека безбедносниот сертификат може и да му биде одземен на одредено лице, кое веќе поседува безбедносен сертификат, но во меѓувреме дошло до одредена промена или веќе тоа лице не исполнува некој од првичните услови според кои го добило безбедносниот сертификат. Во тој случај се донесува решение за одземање на безбедносниот сертификат, и повторно во решението не се дава образложение за причините за одземање. И во двата случаеви, лицето има право на жалба до Второстепена комисија, а потоа и на тужба до Управниот суд на Република Македонија

Press24: Дали може да постојат одредени аномалии во процесот на издавање на безбедносен сертификат?

Нарушувањето на интегритетот на безбедносната проверка може да има сериозни последици и врз барателот на безбедносниот сертификат и врз националната безбедност. Лицето за кое се врши безбедносна проверка може да биде оштетено доколку постои субјективизам кај лицата кои ја вршат безбедносната проверка или пак намера да му се предизвика некоја штета преку неиздавањето на безбедносниот сертификат. Од друга страна, штетата која може да настане по националната безбедност доколку на безбедносно ризично лице му се издаде БС и му се овозможи пристап до КИ може да биде голема. Степенот на оваа штета се мултиплицира доколку лицето е висок државен фукционер, заради увидот во најчувствителните информации, или доколку добива пристап и до класифицирани информации на други држави, како и ЕУ и НАТО класифицирани информации. Во еден ваков случај, не само што се загрозува безбедноста на националните класифицирани информации, туку и безбедноста на странски класифицирани информации кои Република Македонија со договор се оврзала да ги чува соодветно и да спречи компромитирање на нивната тајност. Доколку имаме случај во кој ќе се докаже дека е нарушена безбедноста на странски класифицирани информации, ова ќе огромен удар врз реномето и репутацијата на Република Македонија и нејзиниот безбедносен систем во меѓународни рамки. Еве на пример, имаше една ваква ситуација во 2008 година во Естонија, кога директорот на естонската служба за заштита на класифицирани информации, со години предавал НАТО и ЕУ класифицирани информации на трета држава. Ваквата ситуација од страна на НАТО беше окарактеризирана како огромно безбедносно нарушување со непоправливи последици, и предизвика серија на промени и потреси во естонските безбедносни служби. Јас одреден период работев како дипломат во Постојаната мисија на Република Македонија во НАТО во Брисел, и овој случај цели 5-6 години подоцна, се уште се раскажуваше како лош пример и предупредување.

 

Токму затоа, во никој случај не смее да се дозволи игнорирање на законските и подзаконските регулативи, што од своја страна придонесува кон ерозија на професионалните стандарди и безбедносни процедури, како и кон уништување на професионалната доверба и доверливост кон партнерите и партнерските служби.

 

 

 

07.02.2018 - 14:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега