„Целосно сме посветени на имплементација на препораките од Извештајот“ - еве што му пиша Груевски на Филе

Упатувајќи Ви изрази на Високо почитување, би сакал да Ве известам за исходот од разговорите што се водеа во ад хок Комисијата за расветлување на настаните пред и на 24-ти декември кои се случуваа надвор и во Собранието на Република Македонија.

 

Целосно свесни за вниманието кое го предизвикаа немилите настани кои својата кулминација ја постигнаа на 24-ти декември 2012 година, Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ целосно се вложи во конституирањето на ад хок Комисијата. Успешно ги надминавме предизвиците кои стоеја на патот на избор на претседател на Комисијата, а на висина на задачата бевме и при усвојување на комисискиот Извештај.

Разговорите кои беа водени во изминатите месеци резултираа со Извештај кој беше постигнат како резултат на компромисот кој го направивме со цел да не ја ставиме во залог европската иднина на Република Македонија. И покрај тоа што претставниците на владејачката ВМРО ДПМНЕ на чинот на потпишување на Извештајот ставија забелешки односно несогласување за правните квалификации искажани во истиот, би сакал да истакнам дека целосно застануваме на имплементирање на препораките содржани во Извештајот. За таа цел веднаш пристапивме кон конституирање на Работна група за спроведување на препораките на Извештајот кои ќе помогнат во надминување на причините кои ги предизвикаа немилите настани и ќе придонесе за дополнителна политичка стабилност во општеството.

Со надеж дека ваквите напори ќе наидат на соодветна валоризација во претстојниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и во очекување на скорешен датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, примете ги Ваша екселенцијо изразите на мое високо почитување.

 

 (Интегрален текст од писмото на Премиерот Никола Груевски до еврокомесарот Штефан Филе)

02.09.2013 - 15:16

најчитано сега