Светиниколчанец прави илјадници евра продавајќи семки од кајсии - прочитајте ја неговата приказна

Господ знае дали помагаат, ама с` повеќе луѓе бараат да ги купат семките од кајсии. И тоа не оние благите, туку токму овие горчливите за кои велат дека лекуваат главоболка, дури и рак, а служат и како превентива од малигни заболувања. Веќе искршив три клешти кршејќи ги семките - само лани продадов 68 килограми, преклани 40, а годинава 32 килограми семки. Некој купува по половина килограм, некој повеќе. Досега најмногу семки купи еден македонски политичар, кој пред две години ми зема дури осум килограми, рече дека мајка му била болна, раскажува 49 годишниот светиниколчанец Ј.Т за весникот Дневник.

Тој за Дневник вели дека веќе четири години се занимава со продавање семки од кајсии и според него, постојано расте бројот на муштерии. 50 евра чини половина килограм исчистени семки. Досега, низ рацете на овој човек поминале преку 150 килограми семки од кајсии. Тој објаснува дека за да добие еден килограм семки, му требаат  6-10 килограми кајсии.

Тој вели дека почнал да се занимава со продажба на семки, откако на интернет прочитал дека може да бидат корисни.

- На интернет прочитав дека може да бидат корисни. За главоболка се јадат од три до пет семки пред јадење, а во кои дози се јадат кога некој сака да се излекува од рак, тоа не можам да го откријам. Kога се користат како лек, горчливите семки се јадат непреработени, ниту печени ниту варени, инаку ќе нема ефект. А треба да се изедат додека не се појави нов род на кајсијата, значи во текот на годината, вели Ј.Т. за Дневник.

Светиниколчанецот вели дека има муштерии од околината на Свети Николе, но и од Штип.

- Ги купуваат и обични луѓе, но ги зема и еден акупунктурист од Свети Николе. Немам резерви, ги правам само по порачка. Не сум имал поплаки досега од некој што ги купил, а не сум чул дека починал некој болен од рак од тие што ги купуваа. Имам магацин од каде што ги земам и ги подготвувам семките, а кајсиите ги купувам од исто место, од околината. За еден ден можам да искршам и по еден килограм семки, тоа ми е релаксација - додава Ј. Т. 

Тој вели дека досега немал проблеми со инспекција или полиција.

Извор: Дневник

02.09.2013 - 12:40
Фото: 
nmd.mk

најчитано сега