Македонците од САД и Канада се собраа во Индијана

Во градот Краун Поинт во Индијана се одржа големиот црковно-народен собир на американско-канадската епархија на Македонската православна црква, јавува МИА.

Црквата Свети Петар и Павле од Краун Поинт, која е првата македонска православна црква надвор од територијата на Македонија беше домаќин на собирот на 50-тата годишнина од основањето.

Неколку стотици Македонци од САД и од Канада се собраа да го слушнат митрополитот американско-канадски господин Методиј и другите високи гости. Митрополитот Методиј во своето обраќање се осврна на плановите за работа на градинките во рамките на црквите, црковните кампови и другите активности со кои младите Македонци во САД и во Канада се врзуваат за црковните општини.

- Важно е она што ни го предадоа нашите предци, што ни го доветија, нашите цркви и манастири, нашите црковни заедници, да го негуваме, да го доизградиме и да го предадеме предадеме на следните генерации, изјави митрополитот Методиј. Амбасадорот на Македонија во САД Зоран Јолевски, кој се обрати на овој собир, се заблагодари за активностите на црковните заедници, за кои рече дека се одлични македонски дипломатски претставништва во САД.

Пратеникот во Собранието од Америка Павле Саздов им се заблагодари на Македонците од САД и од Канада за се што прават за македонската кауза. На гала вечерата се обрати и Мето Колоски, претседателот на Обединетата македонска дијаспора, кој оценил дека силата на организацијата на дијаспората зависи од активностите на црковните општини.

Црковно-народниот собир на американско-канадската епархија традиционално се одржува на празникот Денот на трудот, во една од 28-те црковни заедници во САД и Канада. Овој собир, освен спортските натпревари, културните и музичките настани и гала вечерата, предвидува и пленарен состанок на кој се разгледуваат активностите на црквата.

Според отец Дејан од црквата во Њујорк, собирот во Краун Поинт поминал успешно и развојот на заедниците се оценил како добар, а притоа, освен за активностите за младите, се разговарало за заживување на црковните старски домови во Северна Америка, како и за просветно-културната дејност на црквата.

На пленарниот собир, што се одржа во саботата, претставниците на црковните заедници од Северна Америка договориле следниот собир, 40 по ред, да се одржи во црквата Успение на пресвета Богородица во Колумбус во Охајо.

02.09.2013 - 08:35

најчитано сега