Учениците денеска тргнуваат на училиште - нека им е со среќа!

За над 200.000 основци и средношколци денеска почнува учебната 2013/2014 година. Околу 20.800 првпат ќе седнат во училишните клупи.

- Со жалење морам да констатирам дека во изминатите пет-шест години има во просек од 500 до 700 помалку запишани првачиња. И оваа година бројот е намален во однос на минатата, изјави минатата недела ресорниот министер Спиро Ристовски.

Тој вчера  соопшти дека училиштата се подготвени за успешен старт на новата учебна година.

- Над 90 проценти од сите подготвителни активности, санации и реновирања се готови, но и редовната подготовка е во завршна фаза. Обезбедени се комплетно нови учебници од прво до трето одделение и корекциите на учебниците кои се пријавени како уништени, рече Ристовски.

На првиот ден од учебната 2013/2014 министерот ќе ги посети новото подрачно училиште на ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населба Хром, општина Ѓорче Петров, и реконструираното подрачно училиште на ОУ „Сами Фрашери“ во село Шишево, општина Сарај, а заедно со градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски  ќе го  пушти во употреба новото ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар во општина Аеродром.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, пак, на првиот училишен ден ќе ги посети учениците во средното училиште „Здравко Цветковски“.

Новина за наставниците во 2013/2014 година е што задолжителниот електронски дневник ќе го водат седмично, наместо дневно, согласно со дополнетиот Закон за просветна инспекција.

Во завршна фаза е договорот со издавачката куќа на универзитетот Кембриџ за превод и адаптација на учебници од природните науки за основното образование, што е овозможено со дополнувањето на Законот за учебници и на Законот за Бирото за развој на образованието. 

02.09.2013 - 08:17

најчитано сега