Над 200.000 ученици утре се враќаат во училишните клупи - со среќа!

За над 200.000 основци и средношколци утре почнува учебната 2013/2014 година. Околу 20.800 првпат ќе седнат во училишните клупи.

- Со жалење морам да констатирам дека во изминатите пет-шест години има во просек од 500 до 700 помалку запишани првачиња. И оваа година бројот е намален во однос на минатата, изјави минатата недела ресорниот министер Спиро Ристовски.

Тој денеска при посетата на општина Вевчани соопшти дека училиштата се подготвени за успешен старт на новата учебна година.

- Над 90 проценти од сите подготвителни активности, санации и реновирања се готови, но и редовната подготовка е во завршна фаза. Обезбедени се комплетно нови учебници од прво до трето одделение и корекциите на учебниците кои се пријавени како уништени, рече Ристовски.

Новина за наставниците во 2013/2014 година е што задолжителниот електронски дневник ќе го водат еднаш седмично, наместо еднаш дневно, согласно со дополнетиот Закон за просветна инспекција.

Во завршна фаза е договорот со издавачката куќа на универзитетот Кембриџ за превод и адаптација на учебници од природните науки за учениците во основното образование, што е овозможено со дополнувањето на Законот за учебници и на Законот за Бирото за развој на образованието. 

01.09.2013 - 15:27

најчитано сега