Груевски: Со овој избирачки список Заев победи во Струмица

Проблемот не е до избирачкиот список, зашто со него Зоран Заев победи во Струмица на локалните избори. СДСМ ескивира избори инаку зошто не ги прифати викендот кога им беа понудени на тацна, рече премиерот Никола Груевски, коментирајќи ја изјавата на претседателот на СДСМ дека ќе оди на избори само со прочистен избирачки список.

- Пред три месеци Заев победи со тој избирачки список  во Струмица, што да прочистуваме сега за три месеци. Не е проблем, ќе извршиме прочистување, но поентата е дека видовме колку СДСМ сакаат избори. Викендот ги имаа на тацна, јавно понудени. Почнаа да се плеткаат, да се вртат, да наоѓаат причини зошто да ги нема - избирачкиот список не бил прочистен. Пред три месеци имавме избори, Заев победи, прослави, што не кажа тогаш дека не чини избирачкиот список. Нели го прочистувавме пред локалните избори.  Еве, ќе го прочистиме избирачкиот список и друго ќе направиме - кога некој сака да ескивира избори, тоа е тоа, рече Груевски откако ја посети кошаркарската репрезентација на нејзиниот завршен тренинг пред Европското првенство во Словенија.

Претседателот на Владата додаде дека може да прифатат и други барања на опозициската партија и промена на изборното законодавство, но  дека таа секогаш ќе наоѓа начини да избегнува избори.

- Се што ќе биде понудено, и она што е дел од препораките на ОБСЕ ќе биде прифатено, но тоа воопшто не е клучно за изборите. Ние од 2006 до сега драматично го подобривме Законот за избори, и тоа во четири наврати, а и во 2006 воопшто не беше толку  лош законот, ние тогаш победивме како опозиција на избори. Значи, не е до законот. Се уште немаме закон со кој СДСМ мора да победи на избори по секоја цена, дури и народот да не го сака тоа, рече премиеот Груевски.

31.08.2013 - 13:45

најчитано сега