Нов асфалт нови знаци и нови банкини - комплетна реконструкција на патот Велес-Катланово

 

На автопатската делница Велес-Катланово во должина од 23,5 километри ќе се спроведат активности за рехабилитација. Повикот  за градежните работи е објавен на официјалната интернет страница на  Европската Унија, во рамки на ИПА компоненатата за регионален развој во делот транспорт.

Рокот за поднесување на понудите е 2 декември годинава, а периодот за изведба на градежните работи една година.  Изведувачот што ќе биде избран треба да обезбеди рехабилитација согласно претходно подготвен основен проект, задоволувајќи ги техничките стандарди и барања за квалитет, како и критериумите од аспект на животната средина. Градежните работи ќе опфаќаат активности со кои ќе се рехабилитира и обнови коловозот и насипите, замена на сигнализацијата и обележувањето на патот, информираат од Министерството за транспорт.

Станува збор за целосна обнова на асфалтот по целата должина од делницата, поставување нови банкини и заштитници, поставена нова, современа хоризонтална и вертикална сигнализација, мрежи за заштита од одрони, како и рехабилитација на дренажите за атмосферска и подземна вода. Со тоа  треба да се овозможи зголемување на безбедноста при патување, скратување на времето на патување, како и намалување на трошоците за одржување на возилата кои поминуваат по таа делница.

Во следните денови ќе биде објавен јавен повик и за избор на компанија која ќе го врши надзорот на градежните работи.

Минатата година беше рехабилитиран автопатот на правецот Катланово – Велес. На таа делница се изврши реконструкција која опфати обновување на асфалтот, поставување современа хоризонтална сигнализација, изработка на целосно нови банкини, мрежа за заштита од одрони и поставување на повеќе од 230 знаци во вертикалната сигнализација по целата должина на делницата.

Со реализацијата на овој проект, изградбата на автопатот Табановце-Кумановож, но и со изградбата на новата автопатска делница Демир Kапија – Смоквица, која е во тек, во наредните години низ Македонија ќе се протега модерен автопат, кој е дел од меѓународниот Коридор 10 во согласност со европските и светските стандарди, истакнуваат од Министерството за транспорт и врски.

До јавниот повик за градежните работи за рехабилитацијата на автопатот Велес-Катланово може да се пристапи преку линкот: http://ted.europa.eu/udl?uri=TED:NOTICE:289327-2013:TEXT:EN:HTML&src=0

30.08.2013 - 11:39

најчитано сега