Хаџиски не сака екстрадиција во Македонија - францускиот суд ги чека оригиналните македонски документи

Како што веќе објавивме, Зоран Томовиќ или Миле Хаџиски за кој постојат сомневања дека е припадник на организираната криминална група „Пинк Пантер“ нема да им биде испорачан на швајцарските власти, додека за барањето за екстрадиција од македонските власти Судот од Ним ќе одлучува на 25 септември.

Во судот во Ним, Зоран Томовиќ пристигнал под силно обезбедување со три банализирани автомобили на кои им претходеа три жандармериски мотоцикли. За неговата безбедност се грижеле припадниците на специјалната единица на француската жандармерија кои со оружје во рацете, заштитени со панцири го обезбедија пристапот до Судот, до каде бил донесен по изменета маршута во последен момент. Мерки, кои доволно зборуваат дека француските власти веруваат дека тој е опасен за јавниот ред.

На обвинитената клупа, Зоран Томовиќ се појавил придружен од двајца жандарми со маскирани лица. Судијата побарал да му бидат извадени лисиците и потоа го кажува својот идентитет. Барем оној под кој е се појавува пред судот: Зоран Томовиќ, со француско државјанство, роден во 1966 во Србија, воен пензионер (француски), без постојано место на живеење во Франција и чија жена и деца живеат во Швајцарија. Тој се стекнал со француско државјанство во 2002 година.

„Декретот за државјанството ми беше даден од страна на францускиот амбасадор во Џибути во август 2002 година“ – раскажал Томовиќ, облечен во кошула и уредно исчешлан.

Тој потоа го кажал и својот друг идентитет „Миле Хаџиски, роден во 1972 година во Црна Гора“. Тоа е неговиот вистински идентитет при раѓањето. Тој не ги прифаќал барањата за екстрадиција издадени од страна на Швајцарија и Македонија.

Јавниот обвинител објаснил дека околу барањето на Швајцарија „тој имаше француско државјанство во моментот на делото и не може да биде испорачан, Франција не ги екстрадира своите државјани“ .

За барањето кое го има доставено Македонија, „на датумот кога е направено делото, тој немаше француско државјанство, нема мотив за да се спротистави на неговата екстрадиција“- објаснил обвинителот. Но, јавното обвинителство од Ним смета дека е потребно да се добијат оригиналните документи за барањето за екстрадиција од страна на Македонија, пред да се донесе одлуката.

На прашањето на судијата дали има нешто да изјави Зоран Томовиќ одговорил :„Во Македонија, јас бев погрешно обвинет за нешто ужасно, што не го направив. Јас бев ослободен од обвинението од страна на судот во 1995 година.

Неговата адвокатка Селин Алкалд појаснила : „Тој беше осуден, ослободен, па повторно осуден во негово отсуство. Четири противречни пресуди. Условите гарантирани од Европската конвенција за човекови права не се почитувани“.

На прашањето зошто побегнал од швајцарскиот затвор, Зоран Томовиќ објаснил дека „во Швајцарија обвинителот е истовремено и истражен судија. И тој покажа целосна непарцијалност.“ Тој се пожалил дека бил жртва на расизам од негова страна и поради тоа учествувал во бегството од затворот.

Неговата адвокатка дополнила дека не може да биде екстрадиран, бидејќи има француско државјанство. Зоран Томовиќ не се спротиставувал да ја одлежи казната затвор во Франција, ако се потврди неговата вина.

Адвокатката се пожалила дека жандаремериската придружба била преголема, потоа дека бил ставен во изолација во затворот и на листата на посебно контролирани затвореници, бидејќи се сомнева дека им припаѓа на Пинк пантерите, нешто што тој го одрекува. Судијата одговарил дека големата полициска придружба нема никаква врска со депешите.

Одлуката на судијата по кратката расправа била јасна: Околу барањето на Швајцарија за екстрадиција  судот се спротиставува, поради тоа што тој имаше француско државјанство во моментот на делата за кои е обвинет.

Што се однесува за барањето на Македонија, Судот ја одложил одлуката во очекување на оригиналните документи. Зоран Томовиќ или Миле Хаџиски останува во затвор се до 25 септември, кога Судот ќе го разгледа македонското досие. 

Извор: МИА

29.08.2013 - 16:07

најчитано сега