Кои се приоритетите на новиот амбасадор во Австралија Веле Трпевски?

Придвижување на активностите околу признавањето на уставното име, олеснување на визната политика и отворање постојана амбасада на Австралија во Македонија ќе бидат клучните заложби на новоименуваниот амбасадор Веле Трпевски кој денеска пред собраниската Комисијата за надворешна политика ја претстави својата дипломатска платформа.

Меѓу приоритетите на Трпевски, како што рече, ќе бидат и изучувањето на македонскиот јазик меѓу дијаспората, како и интензивната промоција на македонското културно наследство.

- Билатералните односи меѓу Македонија и Австралија се во постојана нагорна линија. Овој тренд мора да продолжи особено ако се земе предвид дека во оваа земја нашата дијаспора е најбројна, неофицијално околу 200.000 до 250.000, истакна Трпевски.

Осврнувајќи се на економската дипломатија, амбасадорот нагласи дека целта ќе биде привлекувањето директни инвестиции со акцент на анимирање на нашите успешни бизнисмени во Австралија. Тој како особено значајни ги посочи туризмот и земјоделството како гранки кои нудат огромна можност за уште поголема соработка.

Претседателот на Комисијата Антонио Милошоски рече дека Трпевски со својот досегашен мандат како амбасадор во Албанија го потврди кредибилитетот.

- Додека беше на оваа функција Трпевски, се што презентира претходно и практично го оствари. Се зголеми комуникацијата меѓу Македонија и Албанија преку овозможување границата да се минува со лични карти, за 45 отсто порасна трговската размена, се потпишаа повеќе договори за билатерална соработка, а отворен беше и граничниот премин Џепиште - Требиште, истакна Милошоски.

И Влатко Ѓорчев потврди дека Трпевски исклучително одговорно, професионално и компетентно ја извршувал досегашната амбасадорска функција што, истакна, е вид гаранција дека така ќе биде и во случајот со Австралија.

Во текот на расправата по излагањето на Трпевски, членовите на Комисијата од ДПА упатија критики до нивните колеги од ДУИ дека, како што рекоа, во новиот амбасадорски бран воопшто немало албански имиња.

Амбасадорското место на Македонија во Австралија беше празно повеќе од една година. 

29.08.2013 - 11:35

најчитано сега