Груевски го честита големиот празник - Успение на Пресвета Богородица

МАкедонскот премиер Никола Груевски денеска испрати честитка до поглаварот на Македонската православна црква во која им го честита големиот христијански празник - Успение на Пресвета Богородица на членовите на Синодот, како и на сите православни верници во Македонија и во дијаспората.

Празнувањето на овој ден, пишува премиерот во честитката, останува вечно да говори за мајката Божја, која помеѓу сите други беше благословена на свет да го донесе синот Божји и со тоа да му подари љубов и спасение на целиот наш род. Нејзиниот живот, чистината, кроткоста, љубовта и посветеноста на Бога, остануваат вечно да зрачат помеѓу христијанското население ширум светот. Во Македонија, нејзината светост - Дева Марија останала силно да се почитува и прославува како заштитница на сите жени, молитвеница за сите идни мајки и закрилница на сите христијани.  

-Токму затоа, прославувајќи го големиот празник Успение на Пресвета Богородица, да си споменеме за нејзиниот живот и за нејзината големина. Преку нејзиниот пример, да се потсетиме на мајчинството и на улогата на секоја жена во нашите семејства, на сета нивна безусловна љубов, трпеливост и жртва за своите чеда, за своите рожби и за својот дом. Да ги почитуваме, вреднуваме и сакаме. Да се помолиме на Богородица за милост и благодат, а Бог да ни дарува благослов, многу здравје и многу рожби во секој дом и во секое христијанско семејство, пишува премиерот во честитката.

Груевски во честитката порачува, вредностите кои се поврзани со Пресвета Богородица да продолжат да бидат основа на нашиот систем и наша водилка, инспирација и мотивација за продолжување со нашите напори за унапредување на секоја општествена сфера, и за обезбедување на подобри услови за развој на секоја индивидуа, на општеството и на нашата држава Република Македонија.

Нека ни е честит и за многу години големиот христијански празник!

 

 

27.08.2013 - 14:31

најчитано сега