Месиќ: ЕУ е хендикепирана без земјите од ЈИЕ

 

Европската унија ќе биде хендикепирана се додека сите држави од Југоистична Европа не бидат полноправни членки, а проблемот на Грција со уставното име на Република Македонија е од политички, додека за Македонија од идентитетски карактер, истакна поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ по денешната средба во Охрид со градоначалникот Никола Бакрачески.

Месиќ во изјавата за медиумите истакна дека Хрватска ќе го поддржи натамошното проширување на ЕУ, со особена поддршка на државите од поранешната државна заедница.

- Соработувавме порано, треба и ќе соработуваме и понатаму, ќе соработуваме и со трети страни, што ќе биде корисно за сите. Хрватска нема да спречува никому влез во ЕУ. Ние ќе се залагаме сите земји од ЈИЕ, пред се оние од поранешна Југославија да влезат во Унијата, истакна тој.

За Европската унија рече дека тоа неспорно е најелитниот економско-политички клуб во светот, чие членството во тој клуб бара исполнување услови, остварување стандарди, но без целосно обединување таа ќе биде хендикепирана.

- ЕУ не е совршена, таа мора да надмине одредени свои институционални проблеми за да може да функционира, но европското здружување како такво нема алтернатива. Сите дражви од ЈИЕ мораат да влезат во ЕУ, истакна Месиќ. Тој смета дека откако ќе се вклучат сите држави кон ЕУ, тогаш на развиениот дел на Европа останува да вложува во југоисток, во активирање на потенцијалите што ги имаат новите држави членки, а сето тоа да биде во полза на интересите на Европа во целина.

Во врска со проблемот на Грција со уставното име на Република Македонија, Месиќ со став дека тоа за јужниот сосед е политичко прашање, што не е случај со Република Македонија оттаму што за неа тоа е прашање на национален идентитет.

- Од македонска страна тоа е прашање на јазикот, името на државата, идентитетот, тоа е длабоко национално прашање. За другата страна тоа е едно политичко прашање што бара политичко решение. Значи се работи за прашање што нема никакво влијание врз животот на граѓаните во Грција, што не е случај за Македонија. За жал нема доволно волја, ниту соодветен притисок од ЕУ за тоа прашање да се реши, оцени поранешниот претседател на Хрватска. 

27.08.2013 - 14:25

најчитано сега