Три пожари беснеат во Македонија

 

На територијата на Македонија активни се пожарите во општините Новаци, Прилеп и Долнени, информираат од Центарот за управување со кризи.

Пожарот кој започна на 25 август во атарот на селата Ивени и Брник,  општина Новаци е се уште активен. Гори сува трева  и  нискостеблеста шума. На терен  интервенира   екипа од ЈП Македонски Шуми „Кајмакчалан“ - Битола и лица од ТППЕ – Битола.

Пожарот кој избувна на 25 август во село Беранци кај манстирот е локализиран. Зафатена е сува трева и нискостеблеста шума.

Во текот на вчерашниот ден избувна пожар во атар на село Лопатица и село Крушица, општина Прилеп. Со пожарот е зафатена сува трева и ниска деградирана шума. Во гаснењето на пожарот  интервенираат екипи на ШС „Црн Бор“ од Прилеп и ТППЕ Прилеп, како и масното население. Пожарот е се уште активен.

Во текот на вчерашниот ден избувна пожар на стрниште помеѓу селата Костинци и Слепче, општина Долнени. Поради силниот ветер пожарот преминал преку железничката пруга Прилеп-Велес и еден крак од пожарот се проширил кон село Слепче, а вториот крак кон планината и зафатил дел од дабовата шума. Во гаснењето на пожарот во текот на денот интервенираат  пожарникари со две противпожарни возила, екипа на ЈП Македонски Шуми-Прилеп, а беше вклучено и месното население. Пожарот е се уште активен. Железничкиот сообраќај на релација Скопје – Битола е нормализиран.

27.08.2013 - 12:16

најчитано сега