Бесими на средби со хрватскиот државен врв

Денеска, во рамки на неговата еднодневна официјална посета на Република Хрватска, Заменик вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими оствари средба со заменик претседателот и министер за надворешни и европски работи на Владата на Република Хрватска, Весна Пусиќ.

Честитајќи и го полноправното членство  на Република Хрватска во Европска Унија, Заменик претседателот Бесими нагласил дека искуството на државите кои го минале патот на исполнување на обврските за полноправно членство, а особено најсвежите, како што е искуството на Хрватска во изминативе 7 години, е многу важно и корисно за Република Македонија.

-Разговарајќи  за досегашната соработка помеѓу Република Македонија и Република Хрватска, потврдена со средби на високо ниво, како и со потпишување на неколку билатерални спогодби вклучувајќи ја и спогодбата за Евро-атлантско партнерство, беше истакната подготвеност  за интензивирање на соработката и размена на искуства во процесот на Европска интеграција. Хрватското искуство ќе биде добредојдено во процесот на усогласување на националното законодавство со европското законодавство, особено во поглавјата каде Хрватска има изградена значајна експертиза. Заменик претседателот Бесими ги искажа очекувањата за натамошна поддршка на процесот на европска интеграција на земјата од страна на Република Хрватска, информираат од Кабинетот на Бесими.

Во рамки на посетата, Бесими остварил средба и со градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ. На средбата, во пријателска атмосфера се споделиле искуства околу ефектите кои процесот на европска интеграција ги имал врз развојот на градот Загреб, како и активностите кои се преземаат околу унапредување на мобилноста, мулутикултурализмот, почитување на различноста, како и партиципацијата и одговорноста на различните етнички заедници кои живеат во Загреб во развојот на градот.

Заменик претседателот Бесими се сретна и со македонската и албанската заедница кои живеат и работат во Република Хрватска. Средбата, на која присуствуваа високи претставници од различни сфери на животот и здруженија имаше за цел дискусија околу нивната интеграција во Република Хрватска како и нивната поврзаност со нивните семејства во Република Македонија. Вицепремиерот Бесими ги информирал претставниците за последните случувања во Македонија како и за напорите и напредокот на земјата во процесот на Евро-интеграција.  

Во рамки на неговата посета, во попладневните часови, вицепремиерот Бесими ќе се сретне и со претседателот на Република Хрватска Иво Јосиповиќ, со кого се очекува да се дискутира за искуствата, соработката и поддршката на Република Хрватска за интеграција на Република Македонија во Европска Унија. 

26.08.2013 - 14:54

најчитано сега