Уште еден Грк вооружен до заби се обиде да влезе во Македонија - еве што заплени македонската царина

Минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани ловечка муниција, сигнален пиштол, девизи, фалсификати, цемент и друго. Покрај тоа, откриена е и една царинска измама и 11 нелегални патници. Задржана е следната стока:

Ловечка муниција и сигнален пиштол
- 292 патрони ловечка муниција со калибар 12 mm, откриени при контрола на патничко возило со грчки регистарски таблички, управувано од грчки државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица.  И покрај тоа што возачот изјави дека нема што да пријави за царинска контрола, царинските службеници извршија детален преглед на возилото, при што во просторот под седиштата пронајдоа патна торба во која била сокриена муницијата. 
- 1 сигнален пиштол, марка BLOW COMPACT  Mod.2002, со 1 парче муниција за истиот, откриен при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Пиштолот е пронајден во преградата на вратата на возилото. За увоз на ваков вид стока во државата потребна е дозвола од МВР, која и во двата случаи возачите не ја поседувале.

Девизи
- 5.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи патничко возило со македонски регистарски таблички, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. На прашање на царинскиот службеник, возачот пријави дека со себе носи 1.000 евра, но при извршената контрола, во мала торбичка што ја носел околу половината, пронајдени се 7.000 евра, од кои, согласно Законот за девизно рааботење, 2.000 евра му се вратени.

Фалсификати
- 240 пара спортски обувки со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на товарно моторно возилo со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. 
Сомнителната стока, со потекло од Кина, била наменета за фирма увозник од Косово.
- 2.709 разни производи со ознаки на заштитени трговски марки, од кои 134 тренерки, 879 приврзоци за клучеви, 546 капачиња за раткапни и 1.150 пвц налепници, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Турција, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1. Сомнителната стока чија пазарна вредност се проценува на околу 480 илјади денари, била наменета за фирма увозник од Струмица.

Друго
- 3.990 килограми цемент, откриени на царинската испостава Ќафасан-отсек за стоково царинење, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, натоварено со цемент, пријавено за увозно царинење за фирма увозник од Битола. Поради неусогласеност на податоците за вкупната тежина на возилото и стоката според приложените документи и белешката од вагата, царинските службеници извршија истовар на стоката и премерување на празното возило, при што е утврдено дека во возилото има вишок од 3.990 кг цемент, што не е опфатен со царинската декларација.  
- 3 бугарски сообраќајни дозволи, откриени при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за излез од државата на граничниот премин Делчево. Сообраќајните дозволи, за кои возачот изјави дека ги враќа во Бугарија за да ги раздолжи, а припаѓале на возила со бугарски таблички што биле продадени во отпад, се пронајдени во патна торба сместена на задното седиште на возилото. На ваков начин, сопствениците на возилата, ги пуштиле истите во слободен промет, без претходно да ги спроведат пропишаните царински формалности и да ги платат увозните давачки, чиј износ, според каталошката вредност на возилата, е проценет на околу 130 илјади денари. Против македонскиот државјанин кај кого се пронајдени сообраќајните дозволи е покрената прекршочна постапка пред Комисијата за одлучување по прекршок на Царинската управа.  
 
Царинска измама
На царинската испостава Скопје 2 е откриен случај на избегнување плаќање царински давачки со погрешно тарифирање на стока.
Фирма увозник од Скопје пријавила за увозно царинење производ Sodium bicarbonate al cart 720 g, деклариран во тарифна ознака со царинска стапка 0% и стапка за ДДВ од 5%. Поради сомневање во правилното тарифно распоредување на производот, а поради неговиот сложен состав, земена е мостра и истата е испратена на анализа до Службата за царинска лабораторија. По извршената анализа утврдено е дека производот се распоредува во сосема друга тарифна ознака, со пропишани царинската стапка од 0% и стапка на ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 135 илјади денари, кои фирмата од Скопје е задолжена да ги плати.

Мигранти
Во текот на минатата недела, покрај 29-те илегални мигранти од Сирија за кои веќе информиравме, царинските службеници открија уште 10 патници во обид илегално да влезат во државата и 1 патник во обид илегално да излезе од државата.

На  23 и 24 август, во два одвоени случаи на Железничката станица Гевгелија, царинските службеници во соработка со полициската служба на станицата, при контрола на товарни возови што сообраќале на релација Грција-Австрија, открија 10 патници во обид нелегално да влезат во државата. 
Во првиот случај, во празен вагон, пронајдени се 5 илегалци, од кои двајца државјани на Мароко и еден државјанин на Палестина, кои поседувале документи за идентификација, и  двајца патници без документи, кои изјавиле дека се државјани на Сирија. 
Во вториот случај во товарна приколка, натоварена на воз се пронајдени уште 5 патници, без документи за идентификација, кои изјавиле дека се државјани на Авганистан.
Во двата случаи, патниците чија намера била да стигнат до некоја западно-европска земја, биле предадени на Полициската служба за надзор при железничка станица Гевгелија.

На 25 август, на Железничката станица Табановце, при контрола на товарен воз што сообраќал на релација Грција-Австрија, во подвозјето на еден од вагоните пронајден е 1 патник без документи за идентификација, кој според неговата изјава бил државјанин на Сирија. Патникот е предаден на Полициската служба за надзор при железничката станица Табановце.

26.08.2013 - 14:48

најчитано сега