И оваа година е намален бројот на првачиња
Во прво одделение во учебната 2013/2014 година досега се запишани 20.774 деца, со што продолжува опаѓањето на бројот на првооделенци во училиштата низ Македонија.
- Со жалење морам да констатирам дека во изминатите пет-шест години има во просек од 500 до 700 помалку запишани првачиња. И оваа година бројот е намален во однос на минатата. До денес се запишани 20.774 првооделенци, бидејќи уписот трае уште, очекувам бројот да порасне. Но, дефинитивно, ќе има повторно помалку запишани во прво одделение, рече министерот за образование и наука Спиро Ристовски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ОУ „Блаже Конески“.
Ристовски очекува наставниците да бидат поревносни во водењето електронски дневник, зашто таа обврска ќе ја имаат еднаш неделно наместо дневно, откако ќе помине дополнувањето на Законот за просветна инспекција, што денеска во прва фаза помина во матичната собраниска комисија.
Новиот рок е усогласен во разговори со Синдикатот за образование, наука и култура-СОНК, а новина ќе биде и тоа што казната за невнесување на оценките и изостаноците во Е-дневникот наставниците ќе ги чини 300 евра наместо сегашната од 1.000 евра.
Ќе се подобрува и апликацијата за Е-дневникот затоа што имало основани пропусти посочени од наставниците, но имало и наставници кои долго не ја исполнувале таа обврска на што, како што рече Ристовски, покажува и зголемениот пристап за внес во Е-дневникот во последните две недели од крајот на минатата учебна година.
- Беа побарани извесни отстапки, можност за пролонгирање од неколку дена за внесување на податоците во Е-дневникот, зашто има наставници кои не можат дента да ги внесат сите податоци за учениците. Затоа одлучивме внесот на податоците во електронскиот дневник да биде еднаш неделно, а соодветно на тоа и еднаш неделно да бидат контролирани. Од една страна ја разбираме ситуацијата во која наставниците мора да ги внесуваат податоците но, од друга страна, мора да разбереме дека од тие податоци зависи правовремената информација на родителите за нивните деца во една недела. Се работи за балансиран систем во кој ќе се задоволат можностите на наставниците за водење на Е-дневникот и на родителите да им се овозможи целосно и навремено добивање на податоците, додаде Ристовски.