Конечно скротен страшниот пожар кај Крушино
Пожарот што во саботата попладне изби над населбата Иванидол во Кичево, близу излетничкото место Крушино, утрово е локализиран и целосно ставен под контрола.
Овој пожар зафатил околу 50 хектари претежно борова шума. Во гаснењето учествувале и се уште учествуваат авион на Дирекцијата за заштита и спасување и два хеликоптери на АРМ, покрај нив во гаснењето учествуваа и припадници на Противпожарната единица Кичево, шумското стопанство „Лопушник - Кичево“ и секако припадници на Дирекцијата за заштита и спасување. Во гаснењето се вклучија и припадници од месното население и тоа многу активно.
На обиколка на опожареното место вчера и завчера постојано присутни биле и заменик-министерот за локална самоуправа Ѓорѓија Стајкоски, градоначалникот на Општина Кичево Фатмир Дехари, како и претседателот на Советот на Општината.
Во моментов пожарот е под контрола и дејствува само еден авион на Дирекцијата за заштита и спасување. Се очекува набрзо повторно да се вклучат и двата хеликоптери на АРМ, но битно е дека пожарот е под контрола и нема опасност за населението и објектите во близина на опожареното место. Мала активност има само на едно жариште кое се наоѓа на врвот на опожареното место, рече раководителот на Центарот за управување со кризи во Кичево, Сузана Тасевска.