Почнува конзервацијата на фасадата на црквата „Свети Илија’ во Стар Дојран
Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Струмица денеска ги почнуваат активностите за реализација на конзерваторските работи на источната фасада на црквата „Свети Илија“ во Стар Дојран. Овој проект е одобрен преку програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.
Со активностите за конзервација на источната фасада ќе се спроведе постапка за чистење на фасадата од присутната вегетација и на покривните површини на апсидите, а деловите од фасадата кои биле оштетени при гранатирањето за време на Првата светска војна ќе бидат конзервирани, односно реставрирани според оригиналната ѕидарија, во зависност од степенот на оштетување.
Од Министерството за култура информираат дека изминатите години во континуитет издвојуваат средства за реализација на повеќе активности за санација на оваа црква, која е еден од симболите на препознатливост на општината Дојран.
Во 2009 година преку Заводот и музеј – Струмица беа издвоени средства за заштитно археолошко ископување на црквата, a во 2010 година беа доделени средства за изработка на проект за нов иконостас, како и за изработка на проект за конзервација, реставрација и реконструкција на подот на оваа црква. Во 2011 година беа доделени средства за реализација на проектот за конзервација и реставрација на подот во црквата, а во 2013 година, освен за реализација на проектот за конзервација на источната фасада на оваа црква, обезбедени се средства за изработка на проект за конзервација на внатрешните ѕидови.
- Ваквиот соодветен третман на културното наследство, несомнено, ќе се рефлектира и на заживување на културната понуда на општината Дојран и на неговото туристичко заживување кое во изминатиот период е повеќе од евидентно, информира Министерството за култура.
Црквата „Свети Илија“ е изградена по реформите на султанот Абдул Меџит, односно по прогласувањето на Хаташерифот во 1839. Ја изградиле мајстори од родот Рензовци, браќата Андреја, Никола, Ѓорги и Коста Дамјанови (синови на познатиот зограф Дамјан) кои потекнуваат од селото Тресонче.
Црквата била во функција се до Првата светска војна кога настрадала во војната (1915-1917 год.), делејќи ја судбината на Стар Дојран. Во 1957 година е прогласена за споменик на културата, а во 1991 година е вратена во сопственост на Македонската православна црква.