35 новороденчиња од Кисела Вода ќе добијат по 6.000 денари
Градоначалникот на Кисела Вода Билјана Беличанец – Алексиќ денеска додели ваучери на 35 семејства од општината кои имаат принова и кои доставија комплетна документација за еднократна парича помош од 6.000 денари.
Одлуката за доделување на еднократна парична помош на секое семејство со новороденче од општината се донесе едногласно од страна на Советот на општината на 4-тата седница, по заложба и предлог на градоначалникот.
- Со мерката што Општина Кисела Вода првпат ја применува од оваа година, искрено се надевам дека ќе дадеме поттик и стимул за семејствата сериозно да размислуваат и да се одлучат за зголемување на бројот на дечиња, изјави Беличанец – Алексиќ.
Таа ги повика сите родители кои ги исполнуваат критериумите заедно со барањето да достават лична карта или друг документ за лична идентификација, извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциска сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена од моментот на раѓање на детето.
- Општина Кисела Вода се грижи, и понатаму ќе продолжи да се грижи за своите најмали жители, истакна Беличанец-Алексиќ. Најави дека овој проект во Програмата од социјалната сфера на општина Кисела Вода ќе се запази се до крајот на истекот на четиригодишниот мандат.
Родителите ја поздравија иницијативата на градоначалникот и изјавија дека средствата ќе им бидат од големо значење. Од воведувањето на оваа мерка од страна на општината, досега се доделени вкупно 54 ваучери за еднократна парична помош на семејства со новороденчиња.