Комисијата за 24. декември продолжува со работа
Седницата на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24. декември денеска продолжува со работа.
Претседателот на Комисијата во оставка, професорот Борче Давитковски вчера изјави дека е оптимист дека решение ќе се најде до петок.
Давитковски и странскиот експерт Петер Ванхаусен денеска треба да имаат одделни средби со претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на опозициската СДСМ, со цел до петок да се дојде до решение.
- Преговорите продолжуваат и некои детали треба да се прецизираат на одделните средби, а ако има потреба и во четврток и на заедничката средба во петок да се заврши работата, изјави Давитковски.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски очекува резултат од седницата на ад хок Комисијата. - Очекувам резултат од дијалогот и се надевам дека СДСМ ќе ја препознае важноста, пред се за државата, од успешното завршување на овој дијалог, ќе ги надмине теснопартиските интереси и ќе успееме во наредните четири дена да дојдеме до решение. Останува да видиме што ќе се случи, изјави вчера премиерот Груевски.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев пред седницата рече дека неговата партија ги исполнила своите обврски од првомартовскиот договор. - СДСМ ги исполни своите обврски од првомартовскиот договор. Очекувам овие денови Комисијата да продолжи да работи и да донесе заклучоци со кои ќе се констатираат уставни прекршувања и прекршувања на законите на Собранието, истакна Заев.
Покрај Груевски, Заев и членовите на Комисијата, на вчерашната седница присуствуваа и шефот на кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протоѓер и потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов го поздрави присуството на лидерите на партиите на седницата на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември, се со цел, како што велат од неговиот Кабинет, да се усвои извештајот на Комисијата и да не се доведе во прашање европската перспектива на Република Македонија.
Груевски и Заев на завчерашната средба се договорија крајниот рок за постигнување согласност да биде пролонгиран до петок,по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се договорија во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување конечно решение околу извештајот на Комисијата, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.
Пред речиси еден месец оставка на функцијата претседател на Комисијата даде професорот Борче Давитковски, поради, како што рече, неможност да се постигне согласност за конечниот извештај од работата на Комисијата. Во Комисијата СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ имаат делегирано по двајца членови.