Целосно нова инфраструктура во Реонски центар во општина Аеродром
Населбата Реонски центар во општина Аеродром до почетокот на следната година ќе добие целосно нова инфраструктура. Со 70 милиони денари од општинската каса, ќе се поврзат сите објекти во населбата, ќе се изградат нови улици со тротоари во должина од 1,5 километри и околу 1.000 паркинг места и ќе се обезбеди уште еден излез на булеварот „Видое Смилевски - Бато“.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Општина Аеродором по денешната посета на локацијата каде стартуваа градежните работи истакнаа дека новата инфраструктура значително ќе го подобри животот на станарите од населбата.
- Пред неколку години тука немаше никаква градба, беше мочурливо земјиште. Пристапивме кон изградба на детален урбанистички план, тука се изградија станови за млади брачни парови, кои беа доделени по електронски пат. Како Министерство за транспорт и врски во соработка со општината продадовме неколку локации за изградба на станбени објекти со деловен простор и ова е последен чекор за целосно завршување на овој кварт во Аеродром. Тоа беше едно од главните барања на станарите за подобрување на инфраструктурата и за дополнителен пристап на булеварот „Видео Смилевски Бато“, изјави Јанакиески.
Со реализација на овој проект, според градоначалникот Коневски, жителите на Реонски центар ќе ја добијат потребаната инфраструктура. Истовремено ќе биде решен проблемот со сообраќајните гужви заради едниот излез што го имаат од оваа населба. Сега ќе добијат уште еден излез на булеварот, рече Конески.
ФОТО: Денешен