Статистика: Прометот во индустријата бележи пораст
Прометот во индустријата во периодот јануари-јуни годинава, во однос на истиот период лани, е зголемен за 6,9 проценти. Во јуни годинава во однос на јуни минатата година прометот во индустријата е зголемен за 14,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Остварениот промет во индустријата на домашниот пазар во јуни годинава споредено со истиот месец лани бележи опаѓање од 6,3 проценти, а реализираниот промет на странските пазари се зголемил за 27,7 проценти.
Гледано по сектори, прометот во индустријата во секторот „рударство и вадење камен“ во јуни годинава во однос на јуни 2012 година, е на исто ниво, а во секторот „преработувачка индустрија“ бележи пораст од 15,8 проценти.
Според главните индустриски групи, прометот бележи пораст кај „енергијата за 53,4 проценти, „интермедијарни производи, освен енергија“ за 1,9 проценти, „капиталните производи“ за 67,2 проценти и кај „нетрајни производи за широка потрошувачка“ за 9,9 проценти. Опаѓање е евидентирано кај трајните производи за широка потрошувачка за 19,6 проценти.
Прометот во индустријата во јуни во однос на мај годинава е намален за 5,1 процент.