„Македонија има богата историја и убави жени“ - братот на Обама го разгледа Скопје

Македонија има богата историја, времето е многу убаво, но земјава има и убави жени, рече денеска по прошетката низ Скопје, братот на Барак Обама, Малик Обама.

Малик Обама денеска престојува во Скопје за да ја добие повелбата од Меѓународната асоцијација „Балкан клуб на мирот“ која е регистрирана во Македонија. Тој денеска ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза и се прошета низ плоштадот „Македонија“. Скопјаните, но и странските туристи кои се шетаа низ центарот на градот ја искористија несекојдневната шанса да се фотографираат со братот на претседателот на САД, Барак Обама.

- Многу сум среќен што имам можност, на покана на Меѓународната асоцијација „Балкан клуб на мирот“, да ја посетам оваа балканска држава. Ви ги пренесувам поздравите од моите сограѓани од Кенија и од Африка и мислам дека оваа посета ќе направи добар мост меѓу нашите народи и дека заедно ќе се посветиме за подобар свет. Привилегија е денеска што нашата Фондација ја добива оваа награда. Ако видиме што се случува во светот и најновите настани во Египет, ќе ви биде јасно дека мирот е многу важна работа. Сите треба да уживаме во слободата, ВО животот и да се трудиме кон подобра иднина, истакна Малик Обама.

Шестата управа на МВР се грижи за безбедноста на Малик Обама во Скопје.

ФОТО: МИА

најчитано сега