Македонските војници на чело со Котески даруваат крв
Околу 400 крвни единици се собрани досега во крводарителската акција на припадниците на АРМ што се одржува во рамки на програмата за одбележување на „18-ти Август“ - Денот на АРМ.
Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска во акцијата се приклучија началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески и заменик-началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Насер Сејдини.
- Со ова сакаме уште еднаш да го покажеме и докажеме хуманитарниот аспект на припадниците на АРМ. Заедно со моите колеги-генералите денеска дадовме крв. Мојата крвна група АБ негатив е многу ретка и тоа беше една плус причина, изјави началникот на ГШ на АРМ, Котески, додавајќи оти АРМ во неколку наврати во текот на годината организира крводарителни акции и така ќе продолжи.
Акцијата за дарување крв што се реализира во соработка со Институтот за трансфузиологија, е дел од големата хуманитарна акција на припадниците на АРМ која веќе се одвива во касарните „Боро Менков“ Куманово и касарната „Н. Х. Страшо Пинџур“ Петровец, а ќе заврши со доброволното дарување на крв во понеделник на 19 август во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
ФОТО: А1Он