Почина познатата пијанистка Стела Слејанска - Стојаноска
Вчера во Скопје, во шеесет и деветтата година од животот почина истакнатата македонска пијанистка м-р Стела Слејанска-Стојаноска, професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и еден од основачите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Со своето активно присуство на музичките сцени и фестивалски манифестации низ државава и во повеќе земји низ Европа и светот, Слејанска-Стојаноска беше етаблиран пијанист со силна репродуктивно - творечка имагинација и индивидуалност во интерпретацијата.
Високата музичка наобразба, таа ја стекнува најпрво во Загреб, а потоа во Париз на Екол Нормал Супериор. Студира во класата на Жан Бланкар и дипломира како најдобра во групата од четириесет кандидати, со што ѝ се отвора можност да работи во класата за современа камерна музика под раководство на Жан Бизе. На патот на својот професионален пијанистички развој, Слејанска-Стојаноска имаше можност да работи со врвни педагози како: Тиери де Бриноф, Моник Дешосе и Алдо Чиколини. Во 1969 година магистрирала на Екол Нормал Супериор во Париз, во класата на Бланкар. Во 1984 година, магистрира по вторпат, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на проф. Бранко Цветковиќ.
Уште со првите настапи во почетокот на седумдесеттите години на минатиот век, Слејанска го привлече вниманието на музичката јавност и критика кај нас и во странство. Во текот на сите изминати децении оттогаш па до денес, името на Стела Слејанска беше постојано присутно на домашната и европската музичка сцена, но и на музичките сцени надвор од Европа. Поради посебните афинитети кон современата музика, Слејанска често беше нарекувана и „...пропагатор на современиот звук...“ Со своите концерти, оваа истакната македонска пијанистка остави неизбришлива трага во историјата на речиси сите реномирани фестивали во регионот и ширум Европа. Таа активно има учествувано и во мајсторски класи по пијано во Париз, Прага, Чикаго и Ротердам.
Освен со солистичко концентрирање, Слејанска, пред музичкиот аудиториум се претстави и како камерен уметник. Од 1995 година беше член на францускиот Квартет за современа музика „Туше“ - ансамбл кој има постигнато бројни успеси.
Нејзините достели на полето на концертната дејност се документирани и како тонски записи во рамките на музичките продукции на голем број национални радија и телевизии ширум Европа и светот, а во 2001 година, по иницијатива на Сојузот на музичките уметници на Македонија излегува и самостојниот компакт диск издаден од МРТВ.
Слејанска поседуваше голем афинитет кон педагошката работа. По враќањето од Франција, во 1973 година, најпрво е ангажирана како стручен соработник, а потоа и како предавач на Педагошката академија „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Од јуни 1975 година беше во работен однос на Факултетот за музичка уметност во Скопје по предметот Пијано. Нејзината плодна работа на полето на педагогијата резултираше со оформување голем број млади музичари кои се високо ценети како педагози, музички соработници и репродуктивни уметници кои се добитници на голем број републички награди.
Пијанистката Стела Слејанска се потврди и како публицист со свои согледувања од областа на пијанизмот, а поголем број нејзини теориски трудови се објавени во реномирани списанија.
Од 2001 година, таа беше член на „Европското друштво за култура“ со седиште во Венеција, како и член на асоцијацијата „Музиката и уметноста во Европа“ - Париз.
Потврда за меѓународната афирмираност на Слејанска во сферата на репродуктивната уметност претставуваат и бројните домашни и меѓународни награди и признанија од кои може да се издвои Орденот за заслуги од областа на културата од Претседателот на Република Франција - „Витез од редот на академските палми“, доделен во 2006 година.
Посмртните останки на Слејанска-Стојанска ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта „Бутел“, утре (15 август 2013, четврток), од 10 часот и 30 минути до 11 часот и 30 минути. Погребната церемонија ќе започне во 11 часот и 30 минути.