„Сеат Кордоба“ и „Мерцедес“ настрадаа во Грција - еве што ги снајде двајца скопјани додека биле на одмор
Два нови случаи на оштетувања на возила се пријавени од страна на македонски државјани кои престојувале во Грција, со што вкупниот број на вакви инциденти летово се искачи на 55 случаи, информираат од МВР.
Вчера, на Граничниот премин „Богородица“, Д.С. од Скопје, кој управувал патничко возило „Сеат Кордоба“, со скопски регистерски ознаки, пријавил дека во градот Солун, возилото му било изгребано со непознат предмет на левата и десната страна од задниот браник. Оштетувањето не е пријавено во грчката полиција.
Во вториот случај, на Граничниот премин „Богородица“, Т.А. од Скопје, кој управувал патничко возило „Мерцедес“, со скопски регистерски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Платемона му биле одземени предната и задната регистерска табличка. Оштетувањето го пријавил и во грчката полиција.
Со овие две новорегистрирани случаи, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се вкупно 55 оштетувања на возила и одземања на таблички. Од 55-те оштетувања кои ги пријавиле македонските државјани, 38 се кражби на регистарски таблички, од кои во 26 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори со 6 кражби. По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на 14 случаи.
Од вкупниот број случаи 35 се пријавени од страна на наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. 29 од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во државава.