„Лукоил“ продолжува да се шири низ Македонија
Руската нафтена компанија „Лукоил“ ја проширува мрежата од бензински станици во источниот дел на Македонија. Во заедничка инвестиција со кочанската фирма „Еко-оил“ на излезот од градот, во месноста Прокарка ќе гради современ објект. Изградбата на бензинската станица беше означена со поставување камен-темелник.
- Со овој објект „Лукоил Македонија“ иневстира во 24-та бензинска станица во државата. Се надеваме дека со новата бензинска станица ќе придонесеме граѓаните на Кочани и соседните општини да го почувствуваат квалитетот на услугата што „Лукоил“ го донесе на македонскиот пазар уште од 2005 година, истакна Стефан Михајловски, комерцијален директор на „Лукоил Македонија“.
Сузана Мицевска, финансиски директор на „Еко-оил“ рече дека двете компании и досега одлично соработувале.
- Се надеваме дека овој капитален објект ќе придонесе за поквалитетна услуга на граѓаните на Кочани со квалитетни горива на „Лукоил“, што и досега се со потврден квалитет преку нашата постојна бензинска станица, истакна Мицевска.
Новата бензинска станица се простира на површина од над 3.000 метри квадратни, и во неа според проектот се предвидени современи објекти за трговија со нафтени деривати, мини ресторан и продавница за авто-галантерија и прехранбени производи.