Заклетва за Република Македонија
Претседателот на Република Македонија, г. Иванов, кога во 2014 година по втор пат ја презеде функцијата претседател на Републиката ја даде следнава изјава:
“Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Македонија”.
Кога ја даваше оваа изјава, г. Иванов бил сигурно и повеќе од свесен за тежината на преземената обврска, и за големата одговорност која ја доби од нас, граѓаните, функцијата да ја извршува совесно, чесно и одговорно во текот на целиот мандат.
И до сега, ако добро и објективно се направи анализа на работата на претседателот Ивановќе може да се констатира дека тој во ниту еден момент ги нема изневерено граѓаните, и нема излезено надвор од своите уставно утврдени права и должности. Неговата работа и постапување биле секогаш на висина на задачата. Секое дејствие, секоја преземена обврска му била во согласност со Уставот и со законите во земјата.
Интересите на Република Македонија му беа и му останаа клучна водилка во секој негов говор, обраќање, постапување и делување. Г. Иванов во неколку наврати до сега се најде исправен пред многу тешки предизвици. Тој реагираше согласно националните и државните интереси во исклучително тешки моменти, носеше многу тешки и храбри одлуки за кои однапред знаеше дека ќе биде силно критикуван од страна на дел од граѓаните, но и од т.н. меѓународна заедница која е директен замешател во сценариото за конечно разнебитување на државата.
Но, и покрај одговорноста и свесноста дека неговите одлуки ќе предизвикаат одредени негативни реакции по него и по неговиот авторитет, г. Иванов остана целосно согласен да ги преземе на свој грб сите реакции, сите критики и омаловажувања воден, пред се, и над се, од интересите на државата. Главното мото на неговата работа од секогаш било подобро да се делува навреме, активно и превентивно, отколку задоцнето, пасивно, и репресивно. Во секој говор, г. Иванов го потенцираше значењето на националниот и државниот интерес и почитувањето на Уставот и на законите во земјата. Така и доликува на вистински државник кој застанува во одбрана на државата и нејзините граѓани.
Г. Иванов покажа голема мудрост и решителност во клучните моменти за државата. Токму затоа секогаш е оспоруван од предавниците, дискредитиран од платениците и секогаш на мета на дел од странскиот фактор кој го турка кон крај спакуваното сценариоза ништење на суверена, независна и демократска Република Македонија, и за ништење на Македонците и македонскиот идентитет. Во овие клучни моменти за сите Македонци, очите но и чувствата на загрижените македонски граѓани се насочени кон вилата на Водно, кон г. Иванов. Што ќе направи сега претседателот е најчестото прашање кое ми го поставуваа загрижените граѓани? Ќе му го даде ли мандатот на Заев и што ќе биде со Република Македонија, што ќе биде со нас и со нашата татковина? Загриженоста на граѓаните е видлива во секое нивно движење, во секој нивен потег. Грч на лицата, солзи во очите, тага во мислите, но истовремено и решителност, храброст, одважност до крај да се борат за својата татковина.
Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, стои во член 79, став 3 од Уставот. Што значи оваа многу важна реченица во Уставот?
За разлика од некои „експерти“ по уставно право кои улогата на претседателот на Републиката во определувањето на мандатот за состав на Влада ја гледаат тесно, формално и речиси без никакво суштествено значење, вистината е сосема поинаква. Претседателот на Републиката не само што не е минорна и обична фигура во процесот на формирањето на Владата на РМ, туку тој е клучната алка без која не може да се формира ниту една Влада во земјата.
Уставот предвидува три активни политички субјекти во постапката за избор на Влада. Претседателот, кој го определува мандатарот, мандатарот заедно со партиите кои се согласни да влезат во преговори за составот и програмата на Владата, и пратениците во Собранието кои се подготвени да го дадат својот глас за избор на новата Влада. Секој од овие три политички субјекта мора да се однесува и да постапува согласно правата и должностите утврдени во Уставот. Ниту една од овие три фази во процесот на избор на Влада не смее да биде заобиколена, игнорирана или на друг начин повредена.
Нека се размислат професорите по право каква повреда на Уставот прават кога во јавноста шират лажни и противуставни мислења и информации дека Влада може да се формира и без давање мандат од страна на претседателот на Републиката. Нивното повикување да се случи избор на Влада спротивно на уставната постапка треба да се смета за соучесништво во злосторничкото здружение која ја тера државата во бездна, која ја тера државата во директен уставно-правен хаос со несогледливи последици.
Претседателот на Републиката има должност да ги следи политичките случувања во земјата, да ја проценува тежината на политичките моменти, да ја антиципира политичката реалност и согласно на тоа да донесува конкретни одлуки во интерес на Република Македонија и сите граѓани што живејат во државата.
И не случајно во Уставот стои дека претседателот на Републиката ја претставува Републиката, и се грижи за безбедноста на државата. Тој е должен да ги претставува интересите на сите граѓани во земјата подеднакво. Тој е должен да ги штити интересите на државата и интересите на сите граѓани без разлика на нивната етничка или друг вид припадност. Токму оваа негова обврска и уставна должност му дава право на претседателот да ги согледува предизвиците пред кои е исправена земјата, да ги проценува безбедносните моменти во државата согласно информациите со кои располага, и соодветно да реагира и да постапи имајќи го секогаш на ум интересот на државата, на сите граѓани во неа, и водејќи се од Уставот на РМ.
Албанската платформа која видовме дека е прифатена во целост од СДСМ со цел Заев да го добие мандатот за составување Влада е опасен политички документ, политичкидокумент-преседан создаден со директна повреда на меѓународното и на македонското право. Токму затоа овој документ мора со индигнација да биде отфрлен од страна на сите политички субјекти на политичката сцена. За нашите внатрешни прашања, за сите отворени проблеми и дилеми во земјата, за сите камени на сопнување што ги имаме или што ќе ги имаме, ќе решаваме само ние, македонските граѓани заедно со нашите претставници кои сме ги избрале од редот на политичкитепартии. Никој од надвор не смее да се става во улога на старател на РМ, и секое такво неповикано мешање од надвор треба да биде веднаш осудено од страна на сите субјекти во земјата.
Албанската платформа е противуставна, со неа директно се повредуваат и меѓународните принципи за немешање во внатрешните работи на други држави и на странски политичари, и како таква треба да доживее осуда од главните органи на ООН, на Советот на Европа, ЕУ и НАТО. Со оглед дека таква осуда не чувме од ниту една меѓународна организација, и со оглед на фактот дека Република Македонија е суверена, независна, и самостојна држава, македонските институции во овие клучни времиња мора да се исправат и да застанат стамено и цврсто во одбрана на интересите на државата. Институциите на Република Македонија, органите во правосудниот систем, како и граѓаните, во овие пресвртни и клучни моменти мора да покажат вистинска политичка и правна зрелост да раководат самостојно и суверено во име на одбрана на мкедонските стратешки интереси и определби-зачувување на сувереноста на државата и почитување на владеењето на правото во земјата.
За албанската платформа не гласаа граѓаните на избори. Таа како кукавичко јајце ни беше подметната пост-изборно. Токму затоа, заради кукавичкиот чин на подметнување и измамување на граѓаните на РМ, претседателот Иванов и ја отфрли оваа платформа, и не му го даде мандатот на Заев. Иванов не дозволи платформата да биде основа врз која ќе се гради идната Влада во земјата.
Претседателот на Републиката постапи државнички, постапи лидерски во клучните моменти за земјата. Г. Иванов силно го зеде предвид и член 20 од Уставот каде јасно стои дека програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Дословната примена на албанската платформа за која веќе свиткал кичма Заев пред албанските партии значи директно разгорување на националната омраза и нетрпеливост, и уривање на постојниот уставен поредок на Републиката. Примената на албанската платформа значи директно рушење на мултикултурализмот во земјата и пропагирање бинационалност во земјата во која сите останати етнички заедници заедно со Македонците ќе се чувствуваат дискриминирано во сопствената држава. Ваквиот дискриминаторски однос на албанските партии кон останатите заедници во земјата не е, ниту може да биде демократија и остварување на демократските принципи. Не е, ниту може да биде основа за градење траен мир и трајно сожителство поставено врз меѓусебна почит, поддршка и заемно разбирање на различните етнички заедници.
Од овие причини, а пред се, во име на Уставот на Република Македонија, во име на зачувувањето на унитарниот карактер на земјата, во име на трајното сожителство на сите народи кои живејат во РМ, во име на сегашните и идните генерации Македонци и останати етнички заедници кои ја сакаат државата како своја татковина, упатувам апел до сите партии и до сите граѓани на Република Македонија да не наседнуваат на идните провокации кои ќе бидат жестоки и директни, кои ќе бидат „пукани“ од сите страни и со сите инструменти, да не подлегнуваат на психолошките спинови и лаги кои ќе се шират во платеничките медиуми, а кои ќе имаат за цел наше дефокусирање од главното мото-заедно да ја заштитиме сопствената татковина, заедно да застанеме цврсто, решително и храбро на браникот на сопствената татковина.Наместо дефокусирање од основната цел на граѓанската иницијатива, да останиме решителни, упорни и цврсти во одбрана на нашата родна грутка. Без никаква дискриминација, без никаква омраза, злоба и раздор, ами со исконска љубов и целосна меѓусебна почит да им покажеме на мрачните сили што не навјасале и што сакаат да не закрват како вистински се брани и се љуби сопствената татковина!
Да им покажеме на дело дека Република Македонија е се што имаме!
Тања КАРАКАМИШЕВА - Универзитетски професор
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа