„ТОТО“: Возачот на автобусот беше пуштен без кауција

Туристичката агенција „ТОТО“ во врска со сообраќајната несреќа која се случи на автопатот М1 во правец Будимпешта – Хегешхалон денеска информира дека во автобусот кој се движел на редовна линија Скопје – Брно – Прага патувале 25 патници и тројца возачи.

- Во моментот четворица патници со потешки телесни повреди, надвор од животна опасност, се задржани на лекување во болницата во Ѓор. По укажаната лекарска помош, 13-ет патници го продолжија патувањето за Брно, односно Прага со организиран превоз од нашата агенција. Останатите патници со полесни повреди го продолжија патувањето до крајната дестинација или до Скопје во сопствена режија, стои во соопштението од „ТОТО“.

- Веднаш по несреќата, од возачот и патниците беа земени изјави за несреќата од унгарската полиција, по што на возачот не му беше одреден притвор и истиот беше пуштен без кауција од надлежните власти во Унгарија, се појаснува во соопштението.

Од Агенцијата упатуваат благодарност до Министерството за надворешни работи на Република Македонија, македонската амбасада во Унгарија, до Министерството за здравство и до сите добронамерници кои несебично помогнаа да се избегнат поголеми последици од немилиот настан. Посебна благодарност изразуваат до македонскиот амбасадор во Унгарија, Дарко Ангелов и до организацијата на Црвениот Крст на Унгарија. 

најчитано сега