Владата поднесе нови амандмани за законите за медиуми

 Со цел подобрување на законите за медиуми, што се во собраниска процедура, Владата до Собранието на Република Македонија достави повеќе амандмани, соопшти денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Поднесени се осум амандмани за Прдлог-законот за медиуми, кои се однесуваат на членовите 7,8, 10, 15, како и членовите 17, 18, 20 и членот 22, како и 14 амандмани за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за членовите 6,14,23, 29, членовите 37, 40, 41, 44, членовите 73, 88, 91, 92 и 99 и 141.

Амандманите, како што рече Ивановски на прес-конференција, произлегоа од двете јавни расправи што неодамна се одржаа во Парламентот, како и од забелешките што до предлагачот на законите ги доставија претставници пред се на Советот на Европа и  на ОБСЕ.

Со амандмани во двата закони се предвидува агенцијата за медиуми да врши само административен надзор врз работата на печатените медиуми и електронските портали. Во истиот член е предвидено мерката опомена да се изрекува како превентивна мерка и за издавачите на печатен медиум или електронски публикации од страна на агенцијата, во случаи кога првпат од друга нивна страна ќе дојде до повреда или непочитување на одребите од законот.  Членот 17 од Законот за медиуми се брише и се додаваат 16 нови членови, кои ќе бидат заведени како заведени како член 17 и со додадена буква според азбучниот ред, а се однесуваат на право на исправка на објавена информација, објава на исправка, право на копија од објава, барање за исправка од издавач на медиум кој престанал да постои, право на тужба, судска постапка, расправа по тужба, промена на одговорен уредник по поднесување на тужба, пресуда, право на жалба, право на објава на информации поврзани со судски постапки, право на одговор на објавена информација, начин на објава на одговор и судска заштита. Меѓу другото, се предвидува ЗЕЛС наместо два да има еден претставник во агенцијата за медиуми, за сметка на тоа Сојузот на синдикати на Македонија да има свој претставник.  

Со амандман во членот 20 се предлага воведување на пет нови точки, со цел уредување на прашања за воведување прекршочна одговорност преку глоби заради непочитување на законските одредби.

Еден од амандманите на Предлот законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидува телевизиските радиодифузери да се обврзуваат во текот на неделата да емитуваат најмалку осум часа вокално-инструментална музика изворно создадена во Република Македонија на македонски јазик или на јазикот на етничките заедници кои не се мнозинство.

Утре, во хотелот  „Холидеј ин“ со почеток во 10 часот ќе се одржи уште една јавна расправа по овие предлог текстови на која ќе присуствуваат претставници на Советот на Европа, на ОБСЕ и на TAIEX.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Ивановски рече дека очекува квалитетна дебата и оти на тоа нема да влијае што амандманите се објавени само 24 часа пред почетокот на расправата и фактот што се уште се годишни одмори.

Ивановски вели дека токму од утрешната дебата очекува да произлезат и размислувања кои би довеле евентуално до нови амандмани кои би биле доставени до Собранието пред законите во втора фаза да бидат разгледувани од страна на собраниските тела.

Иако во Македонија има два медиумски синдикати, Ивановски вели дека единствен репрезентативен синдикат со традиција во земјата е ГИФИХ на ССМ.

најчитано сега