„Чао бела“ за Заев и кантоналните заевисти
Kолумната ја пишувам во недела напладне кога Македонија гласа. Мислам дека работата веќе е завршена или еве полека, пополека се привршува. Граѓаните ќе ја донесат и потврдат победата на „Реално! Работа, сигурност, напредок“, значи за реалноста што ја живееме во Македонија. Kатастрофално губи и дефинитивно ќе загуби украдениот, лажниот, фалсификуваниот „План за живот во Македонија“. Зошто? Затоа што изборите се бран што те води или те одбива. Затоа што граѓаните ќе излегнат масовно на гласање, приближно како во 1998 година, прв круг – 72,9 отсто. И затоа што избирачите знаат да го изберат подоброто за себе и за Македонија. Едноставно, знаат што е подобро за себе и за Македонија. Но, и затоа што Зоран Заев водеше изборна кампања однапред осудена на пропаст. Ја започна со преткампањата во Берн, Швајцарија, каде што изјави дека бил истиот Зоран Заев што го отворил прашањето за рамноправната употреба на јазиците во Република Македонија, дека рамката е тесна и мора да се оди преку Рамковниот договор, каква е таа рамка, демек каков е тој апсурд во 21 век, и ќе ја почне изборната кампања. Таа е една од асоцијациите на кои го лепи слоганот „План за живот во Македонија“, демек сака да ни соопшти дека живот во нашата држава немало. Kаков безобразлак, демантиран од сите нас, живи и здрави, вклучително и тој и неговите. И така тој во првите денови од кампањата ќе истакне дека нема да дозволи никој да го менува Уставот на Р. Македонија (Заев како уставобранител) и ќе влезе во контрадикторност со неговото второ јас – Заев уставоменувачот, кое во студиото на телевизијата „21“, на конкретно прашање дали ќе го смени Уставот, одговара потврдно. Kога на ова ќе се додаде изјавата на Ѓулумсар Kасапи дека ќе има редефинирање на Македонија и дека СДСМ за тоа има специјален план, шокантната слика од Берн полека станува јасна. Ама за кого? За заевистите, а не за сдсмовците и останатите Македонци. Тој дефинитивно креира заевисти, а не сдсмовци. Заевисти кои се залагаат Македонија да се преуреди, поточно редефенира, со цел да се реализираат агендите на мрачните антимакедонски сили. Тоа се сили кои најпрвин, во минатото, Македонија ја поделија на три дела, а денес упорно сакаат од самостојна, независна и унитарна Македонија, најпрвин да направат кантонално чудовиште, еден вид „Kербер-држава“, која во следната фаза ќе се подели помеѓу историските аспиратори врз македонската држава и народот во неа. Можеби затоа негови први соработници станаа Мухарем Зекири (професионален новинар, преку ноќ преобратен во новопечен политичар), Ѓулумсар Kасапи (фришка сдсмовка со визии за редефинирање на Македонија), Едмонд Адеми (самозамислен револуционер, кој многу сака крв), а од политичката сцена исчезнаа Игор Ивановски, Софија Kуновска, Наташа Савова. Тоа е новата појава во македонската политика, што јас ја нарекувам заевизам. Инаку, заевизмот сам по себе создава и антизаевизам. Него го сочинуваат голем број граѓани на Република Македонија кои не сакаат некој како Заев да им чепка по Уставот и да им го преуредува уставното уредување, а исто така чувствителни се и кога некој им го погани јазикот македонски сакајќи да го изедначи со друг јазик, со цел да го направи службен јазик. Јазикот, словото, зборот, логосот македонски е светол. Секоја мисла што сака да му наштети е злонамерна, а прагмата што сака да го посрамоти е деструктивна. Ајде да видиме и за што друго станува збор.
Станува збор за напред споменатата кантонизација, од која Заев толку се воодушевил што добил уставно- политички шок, проследен со психосоматски пореметувања, изразени како забрзано дишење, забрзана работа на срцето, збунетост и халуцинации. Тие му предизвикале провидение за новиот уставен и политички систем на Македонија. Овие пореметувања кај Заев се јавиле како резултат на неговите визуелни опсервации на врвните кантонални достигнувања во Швајцарија, па така добил визија за Република Македонија како конфедерација на кантони. Најверојатно, според логиката на Стендаловиот синдром во уметноста, тој добил кантонален Заев синдром, чија основна карактеристика е што примарниот шок, преку воодушевеност се претвора во визија за преуредување на сопствената татковина, Македонија, од унитарна во кантонална држава. Тука веќе се појавуваат големи проблеми за Заев. Неговата скриена лага за Македонија излегува како видлива вистина за тоа што сака да ~ направи на унитарна Македонија. Илузионистичкиот имиџ на неговиот политички дискурс е разоткриен, разобличен и соголен. Видлива е грдата мимикрија на Заев и дружината му. Гледаме како од неа, за нив, произлегува една заевистичка фатаморгана. Тој, Заев, и пајташите негови, играат на картата на несовршеноста на нашите сетила, па се обидуваат и нам да ни ја наметнат фатаморганата. Тоа, едноставно, нели, не бидува. Заев и заевистите може да фалсификуваат настани и случувања колку сакаат. Во измислен простор да вметнуваат невистини и полувистини до бесвест. Не се работи само за злобни намери, нечесни цели и лажни дејствија, туку и за голема лага, со која неуспешно се обидуваат да си создадат лажни документи со кои ќе се оправдаат. Ама и тоа не бидува. Kолку за пример, Заев предолго си игра мајтап со чувствата и тагата на роднини и блиски од случаите „Смилковско Езеро“, „Монструм“, „Дива Населба“ во Kуманово и некои други судски случаи. Постојано вели има докази за поинаква вистина, а никако да ги понуди. Еве и кампањата заврши, а тој тоа не го направи. Очигледно фотографскиот апарат (camera opscura) е претворен во огледало на Заев, во кое се гледа само тоа што тој сака да го види. Тоа е оптика на первертиран свет – Заев во земјата на чудата. Не може тој со илузии и само илузии да ни ја прикажува реалноста. Бумерангот му се врати и силно го удри по глава. Тоа е реалноста што сите ја гледаме, а само тој и неговите заевисти не успеваат правилно и објективно да ја перципираат. Нам не ни верува, е, па, добро. Ќе го отрезнат резултатите од гласањето, денес на 11 декември 2016 година, кога тој, заевистите и нивната грда политика ќе бидат поразени од неговото височество граѓанинот избирач. Од изборниот дебакл што ќе го доживее еднаш за секогаш треба да сфати дека привидот не може да е поверодостоен од реалноста, а илузијата во никој случај не е поуверлива од мерливиот доказ. И, секако, на дело ин флагранти ќе се увери дека тоа за што се залага е политичка фантазија, која се потпира на демон-аналогија во која реалното е потиснато од илузорното/ имагинарното. Море, луѓе, не може лажниот впечаток да биде побитен од вистината и искривената слика на Заев и заевистите за кантонална Македонија, поважна и поверодостојна од содржината и есенцијата за Македонија, македонскиот народ и јазикот македонски. И да бидам јасен: изборниот резултат кој ќе донесе голема победа за реалноста (работа, напредок, сигурност) ќе покаже дека не може грдата гасеница да ни се прикажува како пеперутка од соништата. Поради тоа што кантонално и керберски е премногу грда. Наравоучение: време е некој да си направи нов партиски хардвер (постојниот е застарен и анахрон), но и да создаде нов политички софтвер. Постојниот не го бидува, не е компатибилен со демократијата.
И на крајот уште нешто. Во петокот ги гледав идеолозите на СДСМ, убаво распоредени по телевизиските студија и агитираат ли, агитираат за победа на Заев, СДСМ и опозицијата. Највпечатливи и „најубедителни“ ми се видоа Сашо Орданоски и Љубомир Данаилов Фрчковски. Првиот вели дека опозицијата ги победува ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со 3:1, а вториот оди подалеку и вели 3:0 за опозицијата. Добро. Рекоа и останаа живи (ова е изрека, а не желба некој да умре или биде убиен како што си толкуваат соросоидните мегафони за Ќосето од пред век и некоја година, згора и Заев). Јавно ветувам: доколку се покаже дека се во право, јас една година нема да пишувам и правам политички анализи. Но, ако се покаже нешто друго, Заев, СДСМ и опозицијата да изгубат, тогаш едниот го праќам во забавиште (С. Орданоски), а другиот во магарешка клупа (Љ.Д. Фрчковски). Kолку да извлечат поука. Мислам дека е фер инаф.
Сотир КОСТОВ за ДНЕВНИК
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа