Николовска: Владата доцна призна дека ситуацијата со пченицата е загрижувачка
Две недели откако алармиравме дека пченицата нема кој да ја купи, и дека треба владата да изврши интервентен откуп на најмалку 10 000 тони пченица од индивидуалните земјоделци, Владата конечно призна дека ситуацијата со откупот е загрижувачка.
Зошто владата чекаше до сега , зошто им создаде нервоза и им нанесе нова штета и трошоци на земјоделците кога се знае дека поради високата производна цена на домашната пченица, единственото решение на проблемот е интервентниот откуп за стокови резерви?
Владата од една страна немилосрдно троши пари а од друга страна кукавички, преку така наречените лидери на земјоделците, ги спротивставува производителите на пченица и мелничарите. Едните прозивајќи ги за неквалитетно производство а другите за недостаток на патриотизам зошто не ја купуваат прво домашната пченица. Ваквото однесување на Владата само ја потврдува причината зошто ни пропаѓа домашното производство на пченица и како свесно ги тераат мелничарите да работат со загуби. Во последниве пет години 20 мелнички капацитети ставија клуч на врата токму поради штетата која им ја прават, прво со притисокот да мора да купат скапа домашна пченица, а потоа со нелојалната конкуренција со евтиното српско брашно. Долгорочното решение на проблемот е во намалувањето на производната цена на пченицата преку 50% поевтина нафта, семе и ѓубрива со што земјоделците ќе имаат цена која ќе им одговара на мелничарите а ќе биде конкурентна и на увозната. Краткорочното или најважно е сега да изврши интервентен откуп и да ја спаси годинешната реколта.
Крајно време е Владата да реагира и да го тргне овој проблем и сета енергија да ја насочи кон подготовка на откупот на грозјето. Сите информации од терен зборуваат дека земјоделците ги чека уште еден тежок и неизвесен откуп. Пари сеуште немаат земено за ланското грозје, должни се по земјоделските аптеки, а крајно неизвесно е каде ќе го предадат грозјето. Потенцираме дека проблемот со пласманот на земјоделските производи е проблем на државата. На земјоделците е само да произведат. Таква влада заслужуваат македонските земјоделци.
(Интегрален текст од изјава на пратеничката од Сојуз за иднината, Ленче Николовска)