Дизајнери од цел свет ќе креираат етикета за „Шардоне“ на „Тиквеш“

 

До 15 септември дизајнери од целиот свет може да конкурираат на меѓународниот повик за креирање етикета за виното „шардоне“ на „Тиквеш“.

Огласот го отвори Skopje Design week  на својата интернет страница во четвртокот и на него се очекува решенија да достават сите заинтересирани, домашни и креативци од странство. Десетте најдобри ќе бидат изложени на претстојната Skopje Design week, што ќе се одржи од 1 до 6 октомври во Куршумли Ан, а првонаграденото ќе добие 30.000 денари. - Ова е уникатна шанса за странските, но и за домашните дизајнери, особено помладите кои не добиваат можност да бидат афирмирани преку свој дизајн и истовремено да бидат парично наградени, рече денеска директорот на Skopje Design week Александар Велиновски.

 - Се менува менталитетот, компаниите стануваат свесни дека се што е оригинално „спакувано“ има поголема вредност, дизајн на автомобил, мебел, облека,...како и за неопходноста од сериозен, професионален пристап во оваа насока. Такви примери има повеќе, во различни сектори, рече Велиновски.

- Како општествено одговорна компанија „Тиквеш“ недвосмислено ги поддржува иницијативите за поголема промоција и развој на дизајнот, како и на креативноста во земјава. Сакајќи да дадеме придонес и вистинска поддршка и да ги поттикнеме сите што се занимаваат со дизајн, одлучивме на едно од нашите најпродавани вина да му дадеме нов визуелен израз кој ќе носи авторски потпис, велат од „Тиквеш“.

Шишето „шардоне“ со новата етикета ќе може да се најде во продажба идната година.

 

14:29

најчитано сега