НОВА АМЕРИКА

 

На Америка и се случи Трамп. И се случи силна победа на Републиканската политичка платформа во Конгресот, и на претседателските избори. И се случи победа на политичката филозофија на нормалниот човек кој го цени и почитува животот кој е организиран, кој се води и кој се применува согласно традиционалните вредности и принципи, живот кој е ставен во рамките на правниот ред и кој функционира во согласност со поредокот и со грижата за секој еден. Републиканската платформа се уште му дава силна надеж на обичниот човек дека светот нема да се струпули преку глава во бездната на човековата изопаченост, дегенерираност, и целосна извртеност. Републиканската платформа го спречи натамошниот пробив на демократската платформа која одамна се има збогувано со нормалната појава на човекот и се има „венчано“ со дегенерираната креатура од човек. 

Во Америка победи вистината и желбата да се сочува традицијата и секако традиционалните човечки вредности, наспроти растечкото демократско чудовиште и неговите изблици на некои нови вредности кои со децении на тој нормален човек му се продаваат како демократска нужност, како потреба, како дел од еволуцијата на новото глобализациско време. Во Америка  победи идејата за опстанок на обичниот човек во својата природна појава и суштина, во својата вистинска хумана димензија и однесување, наспроти идејата за фаворизирање и хвалоспевање на изопаченото, абнормалното, бруталното туркање напред на демократскиот трулеж што безобразно и дрско граба се за себе, гази се пред себе во името на некаква замислена дискриминација што му се случува пред очите на сите нас. 

Во Америка на овие избори победи човекот наспроти перверзијата од човек. 

Победи вистинскиот демократски човек, не неговата креатура.        

Со Трамп Америка ќе започне нов циклус на државен развој. 

Ќе започне времето кое очајно им беше потребно на сите Американци, но и на сите останати луѓе во светот. Времето на лична економска сигурност, лична и семејна безбедност, времето во кое ќе се знае што е што, кој е кој, времето на враќањето на силната држава, силната војска, силниот систем, силните институции. Времето на силниот поединец што живее во силна држава. Таква Америка замислил и нуди Трамп, таква Америка посакуваат мнозинството Американци. 

Клучните политички позиции дефинирани во победничката платформа на Трамп упатуваат на успех. Успех заснован на беспрекорен поредок, уставен и правен ред, почитување на традицијата,  силни и организирани институции, силно судство и квалитетна правда, силна армија и заштитена полиција, квалитетно образование, квалитетни здравствени услуги, силна грижа на државата за најранливите категории граѓани (корисници на социјална и друг вид помош). Успех заснован на принципот фер трговија наместо слободна трговија, квалитетна и уште помодерна инфраструктура, кратење на сите непотребни државни трошења, трајна забрана на работа на федералните службеници како лобисти, редефинирање на трговските договори меѓу САД и сите други земји во светот преку постапка на повторно меѓудржавно преговарање, смрт за Исламската држава и за секој терорист што се бори на таа страна, смрт за државните и воените предавници, враќање на силата на американското производство преку драстично зголемување на даноците за увоз на производи, зголемување на економијата за 6% и намалување на енормниот национален долг кој во моментов изнесува 18 трилиони долари, ослободување од плаќање данок на најсиромашните граѓани наспроти најбогатите кои ќе плаќаат 25% данок, строги затворски казни од пет години за секој што во јавност ќе употреби оружје, смртна казна за секој што судот го прогласил за виновен за убиство на полицаец, строг систем на контрола за влез во државата.

Успехот на Америка и повторното враќање на американскиот бренд на светскиот пиедестал  Трамп го замислил и преку укинување на нуклеарниот договор потпишан со Иран и со другите големи сили во 2015 година, договор кој Трамп го нарече „личен договор на Обама со незадолжителен карактер“, поголема заштита на Израел која за Трамп е „проеврејска за сите времиња“, а Ерусалим главен град на Израел, редефинирање на односот на САД со и во НАТО, редефинирање на односите САД-Кина и воспоставување политика на нулта толеранција за грубите кинески повреди на правата од интелектуалната сопственост и трансферот на технологии, назначување на Карл Икан за главен американски преговарач со Кина и со Јапонија, екстремно високи даноци за американските производители што користат туѓа евтина работна сила и нелојални правила на конкуренција надвор од САД при секој увоз на така произведените стоки во Америка.

Успехот на Америка ќе биде поткрепен и со отворање посебни фондови за планирање и грижа на мајчинството, грижа и почит кон секоја жена, нов квалитет на здравствената помош, укинување на сите регулаторни и други пречки во остварувањето на здравственото осигурување на граѓаните, засилена грижа за секој поединец. 

Вака накратко треба да изгледа новото лице на Америка, како нов импулс и мотив за враќање на политичкиот свет во рацете на политичарите кои се окупирани со идејата и реализацијата на интересите на граѓаните, избрани да владеат во име и за сметка на граѓаните. Интересот на Америка и на Американците пред се, вели Трамп. Тоа секако ќе биде новото политичко мото што треба да го преплави светот. Мото во форма на политички вирус од кој треба да бидат заразени сите национални избрани политичари од граѓаните во светот. Мотото својата држава и своите граѓани, пред се треба да стави крај на царувањето на корумпираните и лицемерни политичари кои не знаат, ниту се заинтересирани за нешто повеќе и нешто подалеку од сопствениот нос и од сопствениот џеб...                        

 

 
 
11.11.2016 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега