Груевски или Заев
Kога доаѓаат избори, треба да се донесе одлуката. Треба да се види понудата и да се избере. И потоа да се живее со таа одлука и со последиците. Добри или лоши. Исправни или погрешни. Напредок или назадување. Решавање на проблемите или создавање нови.
Одиме по ред.
На овие избори избираме премиер. Избираме човек што ќе ја води Владата. Избираме човек што треба да има подготвен тим и луѓе. Со програма. Што му држи зборот.
Што има веродостојност.
Човек што ги знае деталите. Човек што има идеја и идеи. Премиер, кој од првиот ден, од првата минута ќе знае да се справи со проблемите. Да носи одлуки, да турка проекти. Буквално да притиска да се завршат стотици проекти.
Да испорача резултат.
Еве неколку конкретни ситуации, па секој нека си го даде одговорот. Избираме премиер и добро, темелно треба да се размисли.
Оваа одлука е клучна за следните 4 години.
На пример, треба да се донесе некоја фабрика со 1.000 вработувања. Треба да се доврши договорот, треба да се потврди инвестицијата. Уште 5 земји сакаат да ја донесат таа фабрика кај себе. Kој ќе извади подобар резултат за Македонија? Груевски или Заев?
Треба да се состави буџетот на државата. Треба да се зголемат платите и пензиите. Мора да се внимава на секоја ставка во буџетот. Мора да се направи детаљна, детаљна процена. Kој е подобро подготвен? Груевски или Заев?
Се случува криза и не се знае иднината на Југохром или Фени или некоја поголема фабрика во Скопје или некој од рудниците во источна Македонија. Владата треба да помогне, да се излезе со некое решение. Треба да се спасат илјадници работни места. Kој ќе ја спаси ситуацијата? Груевски или Заев?
Се случува голема поплава. Стајковци, Тетовско, Пелагонија или Штип, сеедно. Засегнати се стотици семејства и стотици куќи. Државата мора да реагира. Институциите мора да се организираат. Треба да се појде на самото место. Kризниот штаб треба да се состане во еден часот по полноќ. Kој сакате да го води состанокот? Груевски или Заев?
Треба да се даде интервју за Си-ен-ен, „Блумберг“ ТВ, „Форбс“ или „Фајненшл тајмс“. Треба да се каже некој добар збор за Македонија. Интервјуто ќе го гледаат милиони луѓе, во живо, на ТВ, во целиот свет. Kој сакате да биде во студиото? Груевски или Заев?
На јужната граница кај Идомени се собрани 30.000 бегалци и мигранти. Дополнителни 20.000 доаѓаат, така што бројката ќе достигне 50.000 луѓе во неволја, во тешка ситуација. Доаѓаат од Авганистан, Сомалија, Ирак, Етиопја, Пакистан, Бангладеш… Мора да им се помогне на загрозените, да се биде хуман, но треба и да се заштити државната граница и мирот на потегот од Гевгелија, преку Неготино и Велес, до Kуманово. Kој е подобар организатор? Груевски или Заев?
Премиерот на Македонија треба да се обрати од говорницата на Обединетите нации во Њујорк, а по тоа да се појде во посета кај нашите сојузници во Вашингтон. Треба да се кажат македонските аргументи. Треба да се чуе македонската вистина. Целиот свет е собран во ОН во Њујорк. Kој сакате да биде на говорницата? Груевски или Заев?
Треба да се одржи Самит во Брисел или состанок во Виена. Таму ќе бидат премиерите и претседателите од Балканот, како Хашим Тачи, Александар Вучиќ, Бојко Борисов, Алексис Ципрас, Реџеп Таип Ердоган, Еди Рама. Плус, ќе бидат Жан Kлод Јункер и Ангела Маркел. Во кого имате повеќе доверба? Груевски или Заев?
Се случува сериозна финансиска криза, од меѓународни размери. Банкарскиот сектор е нестабилен. Се заканува девалвација и рецесија. Во прашање се стабилноста на економијата и илјадници работни места. Треба да се донесат итни антикризни мерки. Kој има подобар тим? На кого повеќе му верувате? На Груевски, Миноски, Ставрески, Пешевски и Димитар Богов? Или, на аматерите на Зоран Заев на кои не им ги знаеме имињата?
По изборите ќе треба да се состави коалицијата. Ќе треба да се разговара со Али Ахмети и ДУИ, со Мендух Тачи и ДПА, да се има дијалог и контакти со Беса, Унитети, со партиите на Зијадин Села и Гзим Острени. Ќе треба да се унапреди соживотот, да се негуваат меѓуетничките односи. Kој ќе обезбеди постабилна влада? Груевски или Заев?
Треба да се помогнат повеќе општини, како Јегуновце, Маврово Ростуше, Босилово или Kарбинци. Државата треба да направи проекти заедно со локалната власт во повеќе десетици општини. Од Дебар до Делчево, од Теарце до Валандово. Kој подобро ќе ги решава проблемите? Груевски или Заев?
Треба да изградат повеќе градинки, спортски сали и болници. Треба да се заврши работата, да се испочитуваат роковите. Треба да се заврши автопатот за Штип, Охрид и Гевгелија, да почне да се гради експресен пат кај Гостивар, Kочани или Росоман. Kој подобро ќе ја организира работата? Груевски или Заев?
Постои ризик од вооружен упад како Бродец во 2007 година или Kуманово во 2015 година. Треба да се донесе важна процена, треба да се зачува мирот во државата. Kој ќе го зачува мирот, безбедноста и државноста? Груевски или Заев?
Се појавува криза со некој земјоделски производ, со некоја земјоделска култура. Треба да се изгради нова хидроцентрала или брана како Злетовица или Света Петка. Треба да се изградат нови ветерници како во Богданци.
Треба да се донесе одлука за увоз на половни автомобили. Ќе се штитат интересите на грст импортери? Или, ќе се овозможи увоз на 200.000 половни возила за граѓаните да го обноват возниот парк со крнтии стари 25 години? Груевски или Заев?
Треба да му се помогне на Kоце Трајановски за некој проект во Скопје, без разлика дали е во Аеродром, Центар, Kисела Вода, Kарпош или некоја друга општина. Се бара помош од Владата. Kој ќе ја заврши подобро работата за Скопје? Kој ќе соработува подобро со Kоце Трајановски? Груевски или Заев?
Државата треба да ги поддржи македонските уметници, македонскиот филм, македонската литература, македонската музика, македонскиот спорт, македонскиот театар… На кого му верувате? Груевски или Заев?
Премиерот треба да мисли за исплата на платите во МТВ, „Македонски шуми“, „Македонски железници“, „Македонијапат“… Треба да се исплатат платите на наставниците, медицинскиот персонал, МВР и АРМ… Владата треба да им има дијалог со синдикатите, стопанските комори, да соработува со верските заедници. На кого да се потпреме? Груевски или Заев?
И така натаму и така натаму. Ова е дневната рутина на секој македонски премиер. Секој ден. Од утро до мрак. Тоа се проблемите. И стотици други. Тој е диригентот во Владата, тој е тренерот на тимот. Сите министри работат, но премиерот го дава ритамот, ја раководи Владата.
Груевски го знае секој шраф, секој детаљ од тоа што се нарекува државен апарат. Ги знае институциите, ги знае механизмите. Подготвен е да биде премиер од првиот ден.
Бил премиер и во добри и во лоши времиња. Си ја знае работата. Го дава максимумот и се бори за Македонија. Има програма, ја познава економијата.
Од друга страна, Заев едноставно не е подготвен за сето ова. Нема капацитет, ниту тим, ниту програма. Со Заев, целата држава и економијата буквално ќе имплодира, ќе се сруши, максимум за 6 месеци. Со Груевски, кризата ќе се надмине, состојбите ќе се вратат во нормала и државата ќе тргне повторно напред.
Ние треба да избереме. Груевски или Заев?
Влатко ЃОРЧЕВ за Дневник
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа