Милевски: Против Шкотска до последниот атом од силите
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година на 11 октомври ја очекува еден од најважните натпревари во квалификациите за пласман на Европското првенство 2017. Во Скопје ќе гостува Шкотска, а селекторот Благоја Милевски очекува уште една голема борба која може да донесе историски пласман на ЕП.
- Не се сомневам во овие момци дека и на овој натпревар ќе го дадат и последниот атом од силите за да стигнат до посакуваниот успех. Се надевам дека со оваа победа ќе одиме на европско првенство, и дека ова ќе биде победа за Македонија, победа која е плод на нашата борба, духот и единството кој владее во репрезентацијата, но и вербата во сопствените квалитети. Знаеме што сакаме, знаеме што работиме и знаеме што не очекува на последниот натпревар, кој се надевам ќе го одиграме пред полни трибини, изјави Милевски во очекување на натпреварот со Шкотите.
Натпреварот на арената „Филип Втори“ ќе почне во 18:45 часот, во исто време ќе се игра и мечот Исланд – Украина, кој исто така е мошне важен за конечниот пласман на табелата.
На едно коло пред крај на квалификацискиот циклус Македонија е на првото место во исклучително тешката група, и тоа пред Франција, Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа