Стравот од земјотреси ги испразни училиштата и градинките во Скопје
Стравот од повторни земјотреси на подрачјето на Скопје, по серијата потреси кои никако не престануваат, ги исплаши децата и ги испразни градинките и училиштата во Скопје. Како што пишува Нова Македонија, столчињата и училишните клупи останаа празни по вчерашниот земјотрес кој најмногу ги потресе граѓаните, бидејќи дојде откако 12 часа немаше никаков потрес.
Во основното училиште „Блаже Конески“ отсуствуваат една петтина од учениците. Директорот на ова училиште, Раде Жегарац, вели дека од 600 деца, 115 се отсутни поради земјотресите, иако наставниците ги превземаат сите мерки.
Големи отсуства има и во градинките, каде што исто така вчера имало повеќе отсутни деца од завчера. Валентина Божиновска, директорка на градинката „Весели цветови“ во скопската населба Кисела Вода, вели дека уште во понеделникот презеле мерки за побезбедни услови за дечињата.
- Веднаш се подготвивме со мерки за заштита. Јас ги испратив до сите клонови на градинката. Се надеваме дека ништо лошо нема да се случи. Кај нас е специфично, во јасли има и по 20 бебиња - вели таа за Нова Македонија.
Инаку, последниот потрес беше синоќа 1 часот и 32 минути, со јачина од 3 степени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа