Осумнаесет пливачи од седум земји пријавени за 30. Охридски маратон
Осумнаесет пливачи, по девет во машка и исто толку во женска конкуренција, од седум држави ќе бидат учесници на јубилејниот 30-ти Меѓународен пливачки маратон што в сабота ќе се плива на патеката „Климе Савин“ на Охридското Езеро.
Јане Карајованов, техничкиот делегат на Македонската пливачка федерација на денешната пред-конференција по повод маратонот изјави дека релативно малиот број пријавени пливачи за маратонот е оттаму што трката се поклопува со одржувањето на Летните олимписки игри каде оваа седмица се одржаа десеткилометарските пливачки маратони.
- Бројката на пливачи за Охридскиот маратон не е таква каква што бевме навикнати изминатите години, но тоа не ја намалува неговата силина. Сите пливачи што се тука се дел од ФИНА светската серија неколку години по ред така што не очекува одлична трка. Светската пливачка федерација секоја година со највисоки оценки го оценува Охридскиот маратон и му дава посебно место во календарот маратонски трки, рече Карајованов нагласувајќи дека оваа година Охрид заедно со Наполи и Сен Жан во Канада се градовите кои и покрај намалениот интерес за учество не ги откажаа своите маратонски трки.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасевски рече дека влогот на многумина изминатите 30 години придонесе и Охрид и Република Македонија да бидат промовирани на меѓународната спортска сцена особено во светското пливање, оставајќи притоа траен белег во спортот.
- Агенцијата во континуитет е најголемиот финансиски поддржувач на манифестацијата, а оваа година од буџетот се издвоени 400 илјади денари за организација на јубилејното маратонско издание. Сите години наназад покажавме дека Охрид и Македонија може да биде одличен огранизатор на врвни спортски манифестации од меѓународен карактер, рече тој.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека овој голем спортски настан претставува еден од најдобрите промотори на охридската спортска и туристичка понуда.
- Градот Охрид ги ангажира и мобилизира сите субјекти и институции за организација и непречено одвивање на ваква престижна спортска манифестација. Охрид и оваа година активно се вклучува во техничката организација на јубилејниот маратон, за бепрекорно одвивање на трката, рече тој повикувајќи ги охриѓани и гостите во градот масовно да ги подржат маратонците и да ги мотивираат за што подобри резултати.
Стартот на трката е предвиден за в сабота точно на пладне кај Свети Наум, додека првите маратонци на целта кај Градското пристаниште во Охрид се очекува да пристигнат некаде пет и половина часа подоцна. Рекордот на 30 километри долгата патека го држи Рејмонд Аксел од Франција со резултат (5:09:54) постигнат во 2013 година.
Македонската пливачка експедиција оваа година ја сочинуваат минатогодишниот победник Евгениј Поп-Ацев, заедно со Томи Стефановски и Александар Илиевски.
Фаворити за победници на маратонот се нашиот Поп-Ацев. Едуардо Стокино од Италија и Дамиен Блаум од Аргентина.
Охридскиот маратон што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) и е најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата.
Во ФИНА бодувањето се одредува според паричниот фонд, така што победникот на Охридскиот пливачки маратон покрај паричната награда ќе добие и 15 бода на своето конто, второпласираниот 11, третиот 9, четвртиот 7...осмопласираниот 3 бода. Секој што ќе го исплива маратонот во предвидениот временски рок до половина час после пристигнувањето на победникот на целта добива два бода.
Наградниот фонд на маратонот во Охрид изнесува десет илјади долари. Организатор е Меѓународната пливачка федерација (ФИНА), додека техничката организација е на Македонската пливачка федерација, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и Општина Охрид.
Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на првиот маратон беше Египќанецот Абу Хеиф, третото место му припадна на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа