Бугарските министри безбедно го напуштија Собранието

 

Блокадата која што рано изутрина беше поставена пред зградата на бугарскиот Парламент од страна на демонстрантите беше разбиена од полицијата при што повеќе од 100 министри пратеници новинари и претставници на синдикатите кој беа заробени повеќе од девет часа, безбедно го напуштија објектот. Полициските службеници со штитови успеаа да ги разбијат антивладините демонстранти и ги принудија да се повлечат. Кордонот спречи каков било пристап на кој било од демонстрантите на патот за излез на министрите.  

Претставниците на медиумите, кои беа заробени во Парламентот потврдија дека од зградата најпрво се изнесени тројца министри, како и пратеници од владејачката Социјалистичка партија, а потоа и нивните партнери од партијата на турското малцинство. 

Од позначајните министри во зградата беа министерот за економија и енергетика Драгомир Стојнев, министерот за финансии Петар Чобанов, и министерот за труд и социјална политика Хасан Адемов.

Околу 5 часот сите кои што беа во Собранието беа безбедно изнесени. Полицијата со тешка машинерија почна да ги остранува барикадите, кои ги поставија демонстрантите, а станува збор за клупи од паркови, контејнери за отпад и камени плочи од плочниците.

Во судирот со полицијата, спречувајќи ги пратениците да излезат од Парламентот, повредени беа осум демонстранти и двајца полицајци.

Извикувајќи „Мафија“ и „Оставка“, противниците на Владата која ја водат социјалистите, фрлале пластични шишиња и други предмети врз добро обезбедуваниот автобус, со кој синоќа околу десет часот беше направен обид за изнесување на пратениците и министрите од собраниската зграда, каде тие дебатираа за ребалансот на буџетот. По неколку обиди да го напушти просторот околу Парламентот, автобусот пратениците ги врати во Собранието, јави националното радио.

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев апелираше синоќа за смирување на ситуацијата и избегнување на провокации.

Демонстрантите синоќа, 40-ти ден по ред се собраа во центарот на Софија во знак на протест поради корупцијата и сиромаштијата, повикувајќи ја Владата на Пламен Орешарски, предводена од социјалистите, да поднесе оставка.

Во меѓувреме, приврзаници на Владата одржаа контрапротести пред Националната палата на културата, а најавија дека на 25 јули ќе се соберат пред германската амбасада, а на 26 јули пред американската.

Бугарија доби нова Влада по предвремените избори кои се одржани на 12 мај, откако претходниот кабниет поднесе оставка по протестите против острите мерки за штедење.

Поставувањето на контроверзниот медиумски магнат Делјан Пеевски, на чело на Националната агенција за безбедност ја разгневи јавноста и доведе до протести, кои од 14 јуни досега секојдневно се организираат.

Одлуката за именување на Пеевски веднаш е поништена, но демонстрантите и натаму ја обвинуваат Владата дека е искорумпирана и бараат да поднесе оставка. 

најчитано сега