Скопје добива ново место за забава - во недела се отвара скопскиот Аква парк
Скопјани од недела ќе можат да уживаат, да се забавуваат и да се дружат на скопскиот Аква-парк, кој е во состав на спортскиот центар Борис Трајковски.
Во моментов се врши тестирање на опремата со која располага Аква паркот, лоциран на северната страна на спортскиот центар, веднаш зад хотелот „Александар Палас“.
Паркот се простира на површина од 12.000 метри квадратни, а располага со 10 тобогани, базен за деца, базен со бранови, мрзлива река, административна зграда со ресторан, три кафе-барови, санитарни јазли, соблекувални и прва помош.
Изведувачи на градежните работи се Полин од Турција, компанија која има реализирано преку 2.000 аква паркови ширум светот, како и Жикол од Струмица и Електроунион од Скопје.
Инаку, за посетителите ќе се грижат лиценцирани спасувачи. Се работи за спасувачи кои завршија обука. Воедно, паркот ќе овозможи и 40 вработувања.
Влезот за дечињата до 4 години е бесплатен, додека за останатите карта за ова уживање е 350 денари.
Отварањето е во недела во 13 часот и 30 минути.
ФОТО: Засе.мк